Македонската економија е најсилна во регионот - БДП е над светскиот просек

Економски раст од 3,4 % ќе има македонската економија годинава. Наредната се предвидува бруто домашниот производ да изнесува 3,6 % . Ова е најновата есенска прогноза на ММФ. Според Извештај на Меѓународниот монетарен фонд за глобалната економија објавен на годишното Собрание во Вашингтон, растот е најголем од сите земји во соседството и регионот, пренесува Лидер.

Најблиску до нашата држава годинава, како што проценува ММФ ќе биде Косово, со прогнозиран раст од 2,7%. Прогнозата за економскиот раст на Косово за следната година е 3,3%. За Црна Гора се предвидува да оствари стапка на раст од 2,3% оваа и од 3,4% во 2015. Албанија би требало да достигне стапка од 2,1% оваа и од 3,3% следната година, додека во 2019 треба да покаже највисок раст на БДП во регионот од 4,7%. Во Извештајот на ММФ подобрена е прогнозата за Словенија, за која се очекува годинава и следната година да оствари стапки на раст од 1,4 отсто, додека пак за Босна и Херцеговина годинава се очекува ниска стапка од 0,7%, но и раст од цели 4% во 2019 година. Според ММФ годинава во рецесија ќе бидат Хрватска и Србија, за кои прогнозите се намалени. Хрватската економија годинава треба да има пад од 0,8%, за следата година да влезе во позитива од половина процент. Српската, пак, поради штетите од поплавите, треба да влезе во минус од половина процент, за догодина да стигне до позитивни 1%.

За многу земји од светот ММФ во најновата прогноза ги ревидираше своите пролетни прогнози, но ја задржа проценката за движењето на македонската економија. За следната година проценува раст на македонското БДП од 3,6%, а за 2019 година од 4%.

Со ваква прогноза македонската економија годинава треба да расте над светскиот просек.

Домашните експертите се оптимисти – инвестициите ќе го движат економскиот раст

Според нив растот се темели на крупни инфраструктурни проекти кои ќе придонесат за зголемување на инвестициите и на потрошувачката. Ваквите прогнози влеваат оптимизам дека макеоднската економија се враќа на преткризните стапки на економски раст.

-Во пострецесионен период, ова се задоволителни стапки на економски раст, коишто се сигнал дека економијата заздравува. Овие стапки на економски раст се должат на капиталните инвестиции, од државата и приватните инвестиции. Годинава ќе се градат три автопати и железничка пруга, со што имаме силен импут од страна на државните инвестиции, вели Димитар Ефтимовски, универзитетски професор.

Аналитичарите на Фондот, информираат дека глобалната прогноза е намалена заради послабата економска активност во светот во првата половина од годинава, од онаа што се очекувала. Намалена е и прогнозата за глобален раст во 2015 година и тоа за 0,2 процентни поени на 3,8%.

На глобално ниво, прогнозерите на ММФ сметаат дека во најдобра форма е американската економија, која годинава треба да порасне за 2,2%, а следната за 3,1%. За еврозоната сега се смета дека ќе оствари раст од само 0,8 %, за 0,3 процентни поени помалку од претходната прогноза, за следната година да достигне раст од 1,3%. Германија, која е најзначаен трговски партнер на Македонија се соочува со прогноза за годинава намалена од 1,9% на 1,4%, додека Италија, со која исто така добро соработуваме на економски план, годинава треба да заврши во рецесија со пад на економијата од 0,2%.

- Ризиците за слабеење на изгледите за економијата зајакнаа од пролетта оваа година. Краткорочните ризици вклучуваат продлабочување на геополитичките ризици, а среднорочните стагнација и слабеење на потенцијалот за раст во развиените економии, како и слабеење на потенцијалниот раст на новите пазарите – се наведува во глобалниот извештај на ММФ.

На развиените економии им се препорачува континуирана поддршка од монетарната политика и фискални прилагодувања кои треба да бидат усогласени во темпото и составот за да поддржат опоравување и долгорочен раст. Во низа економии, се оценува, зголемувањето на државните инвестиции во инфраструктурата, во крајна линија би можеле да помогнат за зголемување на производството,

Наспроти забавувањето на глобалниот економски раст, на финансиските пазари владее оптимизам, оценува ММФ. Од ММФ препорачаа дека владите треба да инвестираат во инфраструктурата, па дури и тие инвестиции да се финансираат од задолжување.

09.10.2014 - 09:24


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега