Меморандум за соработка меѓу Универзитетот Сапиенца и Министерството за здравство

Министерот за здравство Никола Тодоров престојува во работната посета на Италија во рамки на која се сретна со ректорот на Универзитетот Сапиенца во Рим, Еугенио Гаудио. На средбата беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Универзитетот и Министерството за здравство на Република Македонија.

Со потпишаниот Меморандум за соработка, соопшти Министерството за здравство, се утврдени аспектите на заедничка соработка и размена на искуства, преку организирање обуки и едукации за доктори-специјалисти, медицински сестри, перфузионисти и други здравствени работници од Република Македонија во рамки на Универзитетот Сапиенца во Рим, програми за стручни престои на медицински специјалисти, особено од областа на кардио-васкуларна хирургија, анестезиологија и кардиоваскуларни болести, како и обуки организирани од страна на медицински експерти од Универзитетот Сапиенца во релевантни медицински центри во Република Македонија.

Воедно, на средбата беше разгледана можноста за организирање повеќемесечни престои (3 - 6 месеци) на специјализанти од Република Македонија во рамки на овој реномиран Универзитет. Универзитетот Сапиенца во Рим е меѓу најголемите универзитети во Европа, а воедно е најстар државен универзитет во Рим, кој е рангиран меѓу најдобрите 30 универзитети во Европа според Шангајската листа, стои во соопштението.

09.10.2014 - 15:31


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега