Ставрески: Обезбедивме 157 милиони евра за изградба на патишта

Ставрески се враќа од Вашингтон со нови 157 милиони евра за изградба на македонските патишта.
 
„Со задоволство можам да констатирам дека Светска банка пред кратко време ни одобри кредит за финансирање на патишта во Република Македонија во износ од 52 милиони евра. Тука спаѓаат патиштата од Битола до Ресен, Дебар-Бошков мост и слично. Во следната фаза очекуваме со овие средства да се исфинансираат и други патишта како што е Кочани-Делчево, Делчево до Голак, но и понатаму договоривме нови 105 милиони евра за десетина други патни правци во Република Македонија, коишто ќе ги опфатат делот од Ранковце до Крива Паланка, и други што се значајни за подобрување на патната инфраструктура во Република Македонија, изјави вицепремиерот и министер за финансии.
 
Со позитивни вести се враќаме од Вашингтон, истакна Ставрески, бидејќи она што можевме да го слушнеме е дека Република Македонија добро се справува со предизвиците на состојбите во Европа и оти со остварените стапки на раст можеме да бидеме задоволни дека одиме во добра насока.
 
Според гувернерот Богов, во Вашингтон заедно со Ставрески присуствуваат на исклучително квалитетни панел дискусии на коишто имаат прилика да ги видат ставовите на водечките креатори на економските политики во глобалните финансиски институции, но и водечките земји во светот.
 
Она што доминира, подвлече, е како да се креираат нови работни места и економски раст во целиот свет, меѓутоа особено во Европа. Се препорачува повеќе инвестиции во инфраструктура со што би се креирал потенцијал за повисок економски раст на подолг рок и истовремено би се креирала неопходната побарувачка во економиите коишто имаат простор за тоа, за да се помогне светската економија побрзо да закрепне, но и постигнува повисоки стапки на економски раст. Во рамки на тоа, појасни Богов, ги видовме и најновите проекции и на ММФ и на СБ што беа објавени деновиве, и навистина може да констатираме дека нивните видувања се многу слични на оние што и Народната банка на Република Македонија ги има.Нивните проекции, истакна, се блиску до нашите проекции, и навистина добро е да се види како како останатите гледаат со нивните очи, значи надворешен поглед на нашите економски политики.
 
- Пријатно беше да се слушне дека македонската економија има здрави фундаменти, дека треба да продолжиме во таа насока. Структурните реформи се нешто што постојано мора да се спроведува, секако да биде внимателен и да се води сметка за евентуално излегување на економијата од некаква нерамнотежа, да се реагира навреме и повторно економијата да се стабилизира на онаа патека на којашто одиме последниве години, изјави гувернерот на Народната банка на Македонија Богов. 
11.10.2014 - 14:02


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега