Буџет скроен за економски развој

„Рационално, економично, ефикасно и ефективно трошење на средствата од корисниците на Буџетот. Законитост и одговорност при нивното користење“ – ова се првите зборови напишани во предложениот закон за извршување на Буџетот за 2015-та година. Лидер анализира каква ќе биде државна каса в година, дали ќе донесе развој и дали ќе одговори на економските предизвици? Правиме компарација меѓу овој и буџетите од претходните години, ги споредуваме главните параметри.

„Економски раст и заштита на стандардот“

Поддршка на економскиот раст и на стопанството преку реализација на капитални инвестиции. Заштита на стандардот на граѓаните преку зголемување на платите, пензиите, социјалната помош. Ова, според вицепремиерот и министер за финансии Ставрески, се главните цели кои треба да се остварат со предложената државна каса. За капитални инвестиции се предвидени околу 345 милиони евра. Во фокусот – изградба на автопати, регионални и локални патни правци, гасификација, модернизацијата и рехабилитацијата на железничкиот транспорт со нови пруги и возови, инфраструктурно средување на слободните економски зони за привлекување нови инвеститори. Износот за капитални инвестиции е речиси ист како и годинава, но затоа се обезбедени дополнителни 310 милиони од Светска банка и ЕБОР, а ќе се инвестира и преку Агенцијата за патишта (автопатите Скопје – Штип и Кичево – Охрид), како и преку ЕЛЕМ и МЕПСО во енергетиката.

Буџетот за 2015-та низ бројки

Буџетот за 2015-та е за 5% поголем од оној за 2014-та. Државата планира на потроши 2 милијарди и 955 милиони евра, а да прибере 2 милијарди и 655 милиони, па дефицитот е 300 милиони евра или 3,5% од БДП, ниво кое се уште не прави умерено задолжени.

„Ние имаме среднорочна фискална стратегија со која се планира етапна консолидација на јавните финансии, постепено ќе се оди кон сведување на дефицитот под 3%, со што ќе се овозможи да се одржи нивото на задолженост на ниско до умерено“ – објаснува вицепремиерот Ставрески.

Останува политиката на ниски даноци и на даночна дисциплина, која ќе остави простор за малите и средни претпријатија да отворат нови работни места.

„Тоа е многу важно, бидејќи на тој начин му даваме силна поддршка на стопанството, на бизнисот, придонесуваме за зајакнување на конкурентноста, за спречување на нелојалната конкуренција, а сè со цел, Македонија да остане атрактивна земја за странските инвеститори“ – вели вицепремиерот.

Буџетот е со проектирана стапка на економски раст од 4%, иако Владата ја остави отворена вратата за нагорна корекција, ако состојбите во ЕУ, која е и наш најголем трговски партнер, одат во посакуваната насока. Според проекциите, инфлацијата ќе остане ниска, на ниво од 2%. Бруто – инвестициите треба да остварат раст од 8%. Трговската размена во 2015-та се очекува да стане поизбалансирана, бидејќи извозот на стоки и услуги се оценува дека ќе порасне за 8,5%, а увозот за 7,4%. Се прогнозира дека индустриското производство ќе го продолжи растот и во наредната година, со проектирана стапка од 4,4%. Градежништвото се очекува да оствари стапка на раст од 7,5%, позитивата во земјоделството би изнесувала 2,5%, а во услужниот сектор 3,3%. Позитивните движења во домашната економија треба да се рефлектираат и на пазарот на труд, па бројот на вработени се очекува да се зголеми за 2,7%.

Споредби со претходните Буџети

Веќе рековме дека овој Буџет е за околу 5 проценти поголем во однос на годинашниов. Со мини – ребалансот, државата ги одреди приходите на 2 милијарди 529 милиони евра, а вкупните расходи на 2 милијарди 848 милиони евра, па дефицитот ќе изнесува 319 милиони евра.

Охрабрена од позитивните економски движења, Владата ја ревидираше проекцијата за растот од 3,2 на 3,5%. Обезбеди дополнителни средства за изградба на Коридорот 10, а капиталните расходи се проектирани на 343 милиони евра.

Да се вратиме уште поназад, во 2006-та и 2007-та, во годините пред кризата, кога земјава бележеше одлични стапки на раст на БДП од 5% и 6,1%.

Вкупните приходи во државната каса за 2006-та биле проектирани на 1 милијарда 678 милиони евра, а расходите на 1 милијарда 706 милиони евра, па дефицитот бил 28 милиони евра.

Се проектирал раст од 4%, а година ја завршивме во позитива од 5%. Споредено со сега, кога се очекува градежништвото да оствари позитива од 7,5%, тогаш се прогнозирал раст од 4 до 5%. И тогаш просечната стапка на инфлација се движела околу 2 процента. Во 2007-та, пак, имавме суфицит во државната каса од 0,6% од БДП. Се реализирале приходи во износ од 119,608 милијарди денари (1 милијарда 945 милиони евра) и расходи од 117,455 милијарди денари (1 милијарда 910 милиони евра). Тогаш, носител на развојот било индустриското производство со раст од околу шест проценти. Биле планирани бруто – инвестиции од 11 до 15%, а достигнале 20%, а СДИ изнесувале 240 милиони евра. Капиталните расходи изнесувале 228 милиони евра. Само за споредба, во 2014-та и 2015-та,  капиталните расходи се движат над 340 милиони евра.

17.10.2014 - 09:35


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега