Турците уживаат во Охрид - „врие" од туристи

Главната туристичка сезона во 2014  според стаитистичките податоци не е послаба во споредба со минатата година, сметаат во локалната самоуправа во Охрид. Раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостоловски, посочи дека слично на минатата и оваа сезона најбројни туристи во Охрид биле гостите од Турција со реализирани 9.717 посети и 14.405 ноќевања, по што следуваат Холанѓаните со реализирани 7.500 посети и остварени 43.500 ноќевања. Според бројот посети следуваат соодветно туристите од Бугарија, Полска, Србија, Грција, Словенија, Хрватска, Албанија, Германија...

Истовремено, според профилот на потрошувачката категоризација, најбројни во Охрид се гости кои во просек трошат меѓу 10 и 30 евра дневно.

- Мора да се има предвид фактот дека гостите од највисоката буџетска категорија бараат и соодветни услуги од висока категорија. Во насока на привлекување на таквата категорија гости во Охрид за во иднина се и плановите за изградба на неколку луксузни хотели што треба да бидат изградени наредните неколку години, рече Апостоловски.

Во текот на сезоната спроведени се и истражувања во чии рамки се анкетирани 104 домашни и 64 странски гости, и врз основа на нив и на статистичките податоци ќе се темели стратегијата на локалната самоуправа за наредниот период.

- Сметам дека преку заедничка работа со туристичките работници и Факултетот за туризам и  угостителство, врз научна и практична основа, ќе ги базираме нашите натамошни активности за во иднина да овозможиме уште подобри услови за гостите и да оствариме уште поголема бројност на туристите што ќе доаѓаат во Охрид, истакна Апостоловски.

17.10.2014 - 13:57


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега