Шест детски одморалишта на продажба - едно ќе биде пензионерски дом

Владата во декември годинава на електронска јавна аукција ќе понуди на продажба шест детски одморалишта кои се во сопственост на државата. Пет од нив и по продажбата треба да ја задржат дејноста туризам, а едно да биде пренаменето во дом за згрижување стари лица. Се работи за детските одморалишта Ѓуриште во Свети Николе, Шула Мина во Крушево, Суви Лаки кое се наоѓа меѓу Берово и Струмица, Николиќ во Дојран и Малешево во Берово, кои треба да ја задржат дејноста туризам и поранешното детско одморалиште во Пехчево кое новиот сопственик по купувањето во рок од 24 месеци ќе треба да го пренамени во пензионерски дом.

Одлуката за продажба на детските одморалишта, како што соопшти на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, е донесена согласно стратешките определби на Владата за развој на туризмот во Македонија.

- Цениме дека ова е добра можност за остварување деловен потфат од страна на компаниите, бидејќи овие одморалишта во минатото имале препознатлив бренд, кој и ден денес постои. Можеби е избледнет, но, сепак постои. Локалната заедница ги познава како такви, има искуство со практикување ваква дејност и има и обучена работна сила која би можела да биде ангажирана. Тоа е добра основа за реализација на еден квалитетен деловен потфат кој може да донесе и профит за компаниите, но и да отвори нови работни места, што е стратешка цел на Владата, рече Ѓорѓиев.

Портпаролот на Владата информира дека почетната цена на Ѓуриште во Свети Николе, со површина од 1.060 метри квадратни, е околу 57 илјади евра,  на Шула Мина во Крушево, со 1.216 метри квадратни, околу 75 илјади ева, а на Суви Лаки, кое се наоѓа меѓу Берово и Струмица и има 3.445 метри квадратни, околу 170 илјади евра. Детското одморалиште Николиќ во Дојран, кое има 6.082 метри квадратни, ќе се продава со почетна цена од околу 315 илјади евра, а Малешево во Берово, кое има околу 4.000 метри квадратни, со почетна цена од 515 илјади евра. 

Петте дома кои треба да ја задржат дејноста немаат временско ограничување во кое би требало да ги почнат градежните активности. Ѓорѓиев информира дека за нив важат општите законски услови во кој период треба да започнат градежните активности и да се завршат. 

20.10.2014 - 13:59


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега