Јолевски се сретна со потсекретарот за мировни операции на ОН

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, за време на неговото учество на тркалезната маса во Белград, Србија оствари одвоени средби со потсекретарот за мировни операции на Обединетите Нации, Херве Ладсу, како и со Иван Звержхановски, претставник на Центарот за мало и лесно вооружување на земјите од ЈИЕ, дел од Програмата за развој на ООН.

На средбата со потсекретарот Ладсу, министерот Јолевски, како што денеска соопшти МО, посочил дека исто како што НАТО и Обединетите Нации придонесоа кон мирот и стабилноста во регионот, така и Македонија повеќе од една декада дава свој придонес за зацврстување на мирот на глобално ниво. Биле разменети мислења за мировните операции на светската организација, за специфичните потреби на овие мисии, за обуките кои се потребни за т.н. сини шлемови. Министерот Јолевски информирал за формирање на Балканските медицински сили, чиј Штаб ќе биде во Скопје, а ќе бидат составени од медицински лица од земјите од регионот.

Со Иван Звержхановски, претставник на Центарот за мало и лесно вооружување на земјите од Југоисточна Европа, министерот Јолевски разговарал и за потребата од интензивирање на родовата перспектива и родовата рамноправност во безбедносниот сектор, област во која Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија се активно вклучени. Посочил дека соработката на двете институции во областа на контролата на малото и лесното вооружување, е на високо ниво и дека таа треба да продолжи да се развива и во иднина.

21.10.2014 - 10:30


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега