Потребни се дополнителни анализи за изградба на Бошков мост

За изградба на хидроцентралата Бошков мост потребно е да се направат дополнителни анализи за хидрологија, хидроморфологија, за пропоусти на постоечката студија за мониторинг на биодиверзитетот, за постоечкиот проект согласно Директивата за живеалишта на Европска унија и за економската исплатливост на проектот.

Ваквата одлука ја донел одборот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а за неа информираа претставници на Центарот за истражување и информирање „Еко свест“ и Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ по денешниот состанокот со одборот.

- Директорите потврдија дека ова за нив е сериозен и комплексен проект и сакале да разгледуват можно зголемување на заемот доколку се исполнети критериумите за економската исплатливост и безбедност за животната средина, истакна Ана Чоловиќ - Лешоска од „Еко свест“.

Првичниот проект за изградбата на Бошков мост, според неа, требало да изнесува околу 84 милиони евра, но со последните пресметки и вклучувањето на далноводот проектот би чинел околу 200 милиони евра.

- Парите од кредитот на ЕБОР за изградба на Бошков мост иако се резервирани не се исплатени на инвеститорот. Одборот на директори потврдува дека ова за нив е доста сложен случај и бара доста енергија за да се изведе проектот на прав пат. На средбата со одборот на директори ние како прашање го покренавме вистинскиот трошок, односно износот на проектот, информира Чоловиќ - Лешоска. 

Александра Бујароска од Фронт 21/42 појасни дека решението кое ја одобрува студијата за оценка на влијанието врз животната средина за изградба на Бошков мост истекло на 13 октомври годинава.

- Очекуваме од страна на инвеститорот и Министерството за животна средина и просторно планирање да се подготви нова студија, која ќе ги исправи грешките направени претходно, недостатоците во однос на влијанието на животната средина, врз балканскиот рис и се што беше потенцирано од експертите за заштита на природните вредности, рече Бујароска.

Одборот на директори на ЕБОР, посочи таа, при носење на одлуката ги немал сите сите расположливи факти за да направи соодветна одлука, поради што сега сака да ги истражи сите доплнителни аспекти за влијанието врз биодиверзитетот во Маврово. 

21.10.2014 - 12:18


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега