Собранието ги донесе заклучоците за Извештајот на ЕК

Пратениците попладнево во рамки на 18-та седница ја завршија расправата за Извештајот на ЕК за напредокот на земјата. Парламентарното мнозинство ги прифати заклучоците по Извештајот на ЕК за напредокот на РМ за 2014 година. Против се изјаснија пратениците од ДПА.

Во текот на продолжението на дебатата Реџаил Исмаили од ДУИ истакна дека Извештајот е позитивен и ја пресликува состојбата во која се наоѓаме. Тој се осврна на забелешките во областа на земјоделството и руралниот развој, каде како една од забелешките е, вели потребата од натамошен развој во делот на окрупнување на земјоделските парцели и здружувањето во задруги. Ги охрабри земјоделците да се информираат и да аплицираат за што поцелосно искористување на ИПАРД-2 средства чија вредност е 106 милиони евра. Тој сугерираше потреба за надминување на бариерите во однос на критериумите за добивање на овие средства.

Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ ја поздрави препораката од ЕК за почнување преговори со ЕУ, како признание за политичките структури но и за граѓаните и ја поздрави нејзината принципиелност по шести пат да го стори тоа иако Европскиот совет пет пати по ред не доделува датум. Николоски воедно ја повика СДСМ уште еднаш да се врати во Парламентот, оти како што рече, останувајќи надвор таа партија сериозно ризикува да биде маргинализирана што веќе и се случува, а неуспешна била и нивната тактика на бојкот чија цел беше губење на препораката.

Според него, проблемот на РМ се вика Грција бидејќи го блокира членството на МК во евроатланстките структури и упати на изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за регионот.

-          Јасна и прецизна е изјавата на министерот за над на Руската Федерација дека  членството на Македонија, Црна Гора и БиХ во НАТО ќе претставува провокација за РФ-нешто што не беше случај во 2008-та година... Во исто време што прави ЕС и ЕУ- за жал едно големо ништо. Тие може да даваат образложение дека проблемот е името, но проблемот е тоа што нивна земја-членка го создава тој проблем.  Затоа очекувам поголема, посилна и директна активност на врвните европски политичари од најмоќните европски земји за силен притисок вр Грција оваа ситуација да се надмине. Остане ли оваа состојба ваква решение нема да има и Македонија ќе продолжи да тоне, а во едни такви услови, знаете - во политиката и во религијата слободен простор нема. Ќе се создаде слободен простор во политичкото движење на РМ каде можеби покрај овие четири политички партии што се залагаат за европски интеграции, ќе се појави некоја петта или шеста кои што ќе предлагат други концепти и кои што можеби ќе внесат и немир и раздор помеѓу македонските граѓани. Претпоставувам тоа не е сценарио кое што сакаат да победи ниту НАТО ниту ЕУ, а најмалце ние. Затоа, за да веруваме во процесот треба ЕУ да да покаже дека и самата верува во тој процес. Дали во услови кога Грција отворено ја блокира РМ и не сака да разговара за името, не е ли можеби Грција најдобриот руски играч на Балканот и најдобрата држава преку којан Руската Федерација се обидува да ги оствари своите интереси на овој дел од Европа, рече Николовски.

Неговата колешка Марија Ангелова го оспори Извештајот во поглавјето 26 кое се однесува на образованието со осврт на опфатот на деца за ран детски развој, каде се нотираат големи разлики меѓу различни етнички групи и помеѓу руралните и урбаните области.

-          Владата е целосно посветена кон проширување на можностите за квалитетен детски развој за сите деца во земјата. Истата ја согледа важноста на раниот детски развој и придонесите кои истиот ги прави во однос на градењето, на развојот на човечкиот капитал и социјална инклузија, рече Ангелова.

Од таа причина, додаде таа, Министерството за труд и социјална политика започна голема реформа во областа на предучилишното образование чија цел е обезбедување на универзален пристап до квалитетен ран детски развој за сите деца. Потсети дека во 2013.  година беше усвоен нов закон во делот на предучилишно образование бидејќи покрај јавните детски градинки прв пат признава различни форми на услуги и различни даватели на услуги – јавни приватни детски градинки, центри за ран детски разво и градинки.

- Во моментот во РМ има 58 јавни детски градинки со 210 објекти, 16 приватни детски градинки, две агенции за давање услуги за чување и нега на деца од предучилишна возраст. Благодарение на овие напори опфатот за рано учење се зголемува и од 11 проценти во 2006 година, на 22 проценти во 2011 година, опфатот на деца во моментот е 32.182 деца или 24 отсто од вкупниот број на деца на возраст од 0-шест години, а кај деца од три до шест години опфатот е 34 отсто на национално ниво, рече Ангелова и додаде дека се зголемува и опфатот на деца Роми од три на четири проценти и во руралните средини од 1,5 на шест проценти.

По изгласувањето на заклучоците претседастелот на Парламентот Трајко Вељаноски на пратениицте и на сите граѓани им го честита празникот 23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба.

21.10.2014 - 17:12
Фото: 
МИА


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега