Еве кој се закити со државната награда „23 Октомври“

Успехот дојде како плод на тотална посветеност, а е можен само ако бескрајно се сака научната и уметничката работа, истакна денеска проф. д-р Анастасика Попоска, специјалист - ортопед заблагодарувајќи се во име на добитниците на државната награда „23 Октомври“ за 2014 година која денеска беше врачена во Собранието на Република Македонија. 

Добитници на наградата се и писателот Милош Линдро, ликовниот уметник Доне Милјановски, народниот уметник и фолклорист Димитар Узунски и Македонската филхармонија, а се доделува за остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство на Република Македонија.

Посветеноста на научната и уметничката работа, додаде проф. д-р Попоска, не доведе на научниот и уметничкиот врв.

- Зарем Балканот и Македонија не се на планетата земја. Според тоа ние сме граѓани на светот, а доаѓаме од Балканот, од Македонија и сме горди на тоа. Со наградата се стимулира дополнителна надградба на знаење и добивање нови идеи за наулно-истражувачка работа, а со упорноста и истрајноста се допринесува за создавање привлечна слика за нашата земја, рече проф. д-р Попоска.    

Претседателот на одборот за доделување на наградата Владо Матевски истакна дека еден од светлите датуми во историјата на македонскиот народ претставува формирањето на внатрешната македонска револуционерна организација во Солун. Празнувањето на овој датум, истакна тој, е особено значајно за нас бидејќи ја симболизира македонската револуционерна борба за остварување на правото на македонскиот народ на самоопределување, национален идентитет и своја држава. - Тој претставува стожерна точка во обединувањето на националниот, интелектуалниот и слободарскиот капацитет на македонскиот народ, рече Матевски. 

Наградата „23 Октомври“ се доделува во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство на Република Македонија, области за коишто, потенцира Матевски, е потребна поголема општествена поддршка.  

- Денес во времето кое го живееме можеби повеќе од кога било на творечките луѓе кај нас во областа на науката, уметноста, образованието, културата им е потребна уште поголема општествена поддршка. Развојот на државата треба суштински да биде втемелен во подобрување на амбиентот во кој ќе се остварува севкупната креативна дејност, истакна претседателот на одборот за доделување на наградата.

Државната награда „23 Октомври“ е востановена во 2007 година, а истата година е првпат доделена.

 

По повод 23 Октомври, Денот на Македонската револуционерна борба делегации од Собранието на Република Македонија, од Владата, од Министерството за одбрана, од Армијата на Република Македонија, од Градот Скопје и од Советот на Град Скопје денеска положија цвеќе пред споменикот на основачите на Внатрешната македонска револуционерна организација во паркот „Жена борец“ во Скопје.

Во состав на владината делегација беа вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за здравство Никола Тодоров и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов. Делегациите на Министерството за одбрана и на Армијата на Република Македонија беа предводени од министерот Зоран Јолевски и началникот на ГШ генерал потполковник Горанчо Котески. Цвеќе положија и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, претставници на здруженијата на борци, на дипломатските претставништва, на политички партии и други здруженија.

Потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, кој ја предводеше собраниската делегација изјави дека денеска го прославуваме најголемиот празник на слободна Македонија, Денот на Македонската револуционерна борба. Можеби, посочи, требало уште после Втората светска војна од 1945 година да биде прогласен за државен национален празник, но и ова што успеавме да го направиме ние сметаме дека ќе остане како наследство за следните генерации.

- Луѓето што ја основаа Внатрешната македонска револуционерна организација на сите ни оставија голем залог. Многу од нив ја одбраа смртта за да можеме ние и нашите поколенија да живееме во слобода и сметам дека ова треба да биде потсетување дека нашата борба за слободна демократска напредна Република Македонија треба да продолжи. Оваа генерација има обврски да направи една уште подобра Македонија, уште посилна на која ќе може да се гордеат нашите предци и поколенија, додаде Милошоски. 

 

На 23 октомври, 1893 година во куќата на Иван Хаџи Николов во Солун, Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Ботанџиев беше формиран Македонскиот револуционерен комитет од кој подоцна произлезе Внатрешно Македонската Револуцонерна Организација (ВМРО) или Внатрешно Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО). Организацијата се бореше за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор.

Формирањето на ВМРО значеше почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, преку НОВ резултира со создавање модерна самостојна македонска држава.

23.10.2014 - 14:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега