Три романи од Живко Андревски

Животот е преубав“ е насловот на трилогијата (три романи), што излезе од печат деновиве, на авторот професор  Живко Андревски.  Посебните наслови во трилогијата се „Лелекот е лек“ (прва книга), „Самецот е мислител“ (втора книга) и „Дворот е радост“ (трета книга). 

Во ракописот „Лелекот е лек“ раскажувачката и промислувачката активност на јунаците е урбана средина, кафеана во метрополата. Тројцата главни јунаци гласно говорат за политиката, за семејството и за религијата, а во себе делат длабоки нишки на разочараност од себе и од другите луѓе. 

Дејствието во „Самецот е мислител“ тече во едно од нашите македонски села кои минале низ процесот на опустошување, но уште се живи. Во овој дел пак, тројцата јунаци ја лекуваат осаменоста со дружење, со речиси пусти желби и со прецизно потсетување на своето минато и на минатото на своето село. 

Делот „Дворот е радост“ опфаќа лепеза од збиднувања на три дворски места (на активно селско семејство, на модерно урбано семејство и училишен двор) каде што повеќе од 40 години се случуваат радости и таги, желби и порази, логики и апсурди. 

Тематскиот опфат на трилогијата од авторот Живко Андревски донесува илјадници слики од македонското живеење од последните педесетина години, слики и настани, кажани и раскажани, од јунаците на дејствието.Основната порака од трите дела е дека животот треба да се живее, животот тече и никого не чека, оти животот е полн за секој човек посебно... 

- Ракописите се читаат во еден здив, со зачувана автентичност, со користење исклучиво стандарден и стандардизиран македонски јазик со речиси невидливи отстапувања и служи како доказ за убавината и моќта на македонскиот јазик со малку зборови многу да каже, со одбран речник да растајни нитки и односи, чувства и желби, идеи и сложени меѓучовечки релации, пишува во рецензијата од авторот и издавач доц. д-р Христо Петрески. 

Поетот и литературен критичар Бранко Цветкоски оценува дека станува збор за мошне хармонизирана прозна постапка која ја открива неколкукратната моќ на авторот да го истргне од меморијата настанот како автентично случување, да го внесе во чисто фикционален контекст, да му даде функција на книжевна неповторливост и јазично и стилски да ја одржи целата приказна во поткрената позиција. - И во времето назад – и во времето на соопштувањето. Сè е уште подобро, кога зад нарацијата речиси и не се чувствува дека прикажувачот е свидетел и учесник во ткивото на приказните. Одржлива и успешна проза и сосема очекувана од перото на еден успешен, аналитичен и елоквентен дух како што е духот на публицистот со резок ум д-р Живко Андревски, наведува Цветкоски. 

Во романот „Лелекот е лек“ е интегриран и расказот „Фломастери“ за кој авторот Живко Андревски во 2012 година ја освои првата награда на конкурсот за краток расказ на весникот „Нова Македонија“.

24.10.2014 - 18:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега