„Здравјето е избор“ - СЗО со силна поддршка за владината кампања

„Здравјето е избор“. Името на владината кампања звучи едноставно, но ги замисли сите.  Целта и беше да ја зголеми свесноста кај населението за потребата од здрава исхрана и спортување, а паралелно го внесе и стравот  кај оние кои досега не се грижеа за своето здравје.

Стручни лица, доктори, спортисти, пејачи и други лица од јавниот живот силно ја поддржаа владината кампања. За значењето на „Здравјето е избор“ се согласија речиси сите.

Зад оваа кампања на македонската влада со голема поддршка застана и Светската здравствена организација.

Снежана Чичевалиева, директор на канцеларијата на Светската здравствена оганизација – СЗО за Македонија, во интервју за КУРИР испрати значајни совети до граѓаните и го објасни огромното значење на кампањата која ја промовираше премиерот Никола Груевски.

Велат дека кампањата доаѓа во вистинско време од три значајни причини.

-Затоа што светот  доживува епидемија на незаразни заболувања. Кардиоваскуларните болести, малигните заболувања, респираторните заболувања и дијабетесот отпаѓа 77%  од вкупната оптовареност со болести. СЗО вели дека на овие заболувања отпаѓа и  86% од случаите на предвремената смртност. Значи навистина станува збор за епидемија од незаразни заболувања. Втората причина е затоа што кога зборуваме за бројки треба секогаш да имаме предвид дека зборуваме за луѓе. Зборуваме за индивидуи, зборуваме за нивните семејства, за заедницата, но зборуваме и за една појава која има многу значајно  и широко негативно или позитивно општествено економско влијание зависно од нашите активности. Ако ја оставиме состојбата да биде таква каква што е денес, тоа се негативни општествено-економски активности и влијанија. И третата причина е секако, Затоа што оваа состојба може да се превенира, да се спречи. СЗО и нејзините студии покажуваат дека 20 водечки ризични фактори по здравјето на човекот, 15 се поврзани со исхраната и физичката активност, истакна Чичевалиева за КУРИР.

Податоците во Македонија се алармантни. Расте бројот на лица со зголемена телесна тежина, а голем дел од нив го поминуваат и тој праг влегувајќи во категоријата на дебели луѓе.

-Клучната причина зад која стои најголем број од оваа оптовареност со заболувања е зголемената телесна тежина. Бројките во Европа покажуваат дека во 87% од Европскиот регион, а тоа за СЗО е поширока област од континентот Европа, се протега до Кина со 54 држави, повеќе од 50%  од возрасното население се со зголемена телесна тежина, а во некои држави веќе 70%. Се проценува дека само во 20 држави во европскиот регион ваквата состојба резултира во смрт на 320.000 луѓе секоја година.  Она што не не радува е тоа што источна  Европа, каде што припаѓа и нашата држава, за жал многу брзо го стигна овој негативен тренд.  Стапките на зголемена телесна тежина пораснале за три пати од 1980, истакна Чичевалиева за КУРИР.

 

Институтот за јавно здравје со податоци и анализи се приклучува на владината кампања.  Шокираа податоците за телесната тежина на децата во Република Македонија. Кај 37,9 % дечиња на возраст од 6,8 години е увидена зголемена телесна тежина, а 18,5 % од нив се дебели.

Низ градинките годинава кај 29,4 дечиња е измерена висока телесна тежина, а дебели се 11,6 од нив.

Се замислија родителите и наставниците, се загрижија нивните врсници. За Светската здравствена организација овие податоци се фрапантни, но треба да се истакнуваат за да допрат до оние кои се засегнати.

-Според статистиката на СЗО, во просек едно од три деца на возраст од 6-9 години е веќе со зголемена телесна тежина или со клиничка дебелина. Она што исто така е голем проблем е што стапката на ексклузивно доење до 6 месеци никаде во Европа не е соодветна, односно секаде се појавува стапка под 50 проценти. Исто е и во Македонија. Она на што сакам да упатам внимание е што во ниту една држава во регионот не се исполнува препораката на СЗО за внес на сол од повеќе од 5 милиграми дневно. Само 5  држави од 53 ја исполнуваат препораката за  внес на помалку од  помалку од  10% од вкупната  енергија преку заситени масти. Другиот аспект е физичката неактивност. Таа  е загрижувачка. Скоро половина од државите во Европа покажуваат  дека над  30% од адолесцентите се неактивни. Стапките на неактивност во некои држави достигнуваат и до  70% . Ќе се согласите дека ова е навистина алармантно, истакна Чичевалиева за КУРИР.

СЗО работи со анализи и податоци пред пласман на бројки. Чичевалиева инсистира бројките од оваа кампања да бидат повторувани со намера луѓето да ги слушнат повеќе пати за да ги прифатат.

-Сето тоа што се отпочна на вака убав начин со оваа кампања на Владата на нашата држава ќе остане таму, ако не успееме да направиме движење од оваа кампања. Многу е важно да повториме уште еднаш дека -54% од возрасната популација над 20 години е со зголемена телесна тежина, а 21% се со клиничка дебелина.  Од нив 60.5% се мажи и 47,8% жени. СЗО не очекува померување на овој негативен тренд  до 2030-та година доколку сите заедно не направиме навистина големи напори да стигнеме на малку подобро. Кај децата, 33% од момчињата и 20 проценти од девојчињата на 11 годишна возраст веле се со зголемена тежина. Она што можеби не го слушнав досега, ако е препораката на СЗО, не повеќе од 5 милиграми сол дневно по човек, во Македонија консумираме по 14 милиграми сол дневно, истакна таа за КУРИР.

Со овие податоци, Македонија спаѓа во државите со највисок внес на сол во Европа, а на тој начин нашите граѓани дополнително си го влошуваат здравјето.

Од друга страна, според досегашните искуства, луѓето размислуваат многу доцна. Веруваме во невистини- дека “тоа нема нам да ни се случи“, дека можеме да јадеме бидејќи сме млади, а болестите пристигнуваат во староста. Велиме дека ќе бидеме на диета од понеделник, а ќе вежбаме од први следниот месец. Така во волшебен круг на заблуда си се доведуваме самите себе.

Светската здравствена организација со клучни препораки до граѓаните бидејќи треба да направиме пресврт во нашите разбирања на нештата. СЗО клучните пораки ги насочува пред се кон општеството, потоа се разбира, кон населението и кон медиумите

 

 

 

25.10.2014 - 11:05

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега