Потресна порака на братот на беровскиот професор кој сам се закопа во гроб - „Почивај во мир брате мој"

 

Потресно писмо од братот на беровскиот професор кој сам се закопа во гроб....

И зарем новинарите се луѓе-работници кои немаат никакви права и ја немаат слободата на говорот?

Зарем новинарите неможат слободно да ги изразат своите ставови?

Немаат! Читам и слушам дека немаат!?!

Во последните неколку денови сведок сум дека само го зголемуваат рејтингот на своите портали, информативни програми, фан страни од социјалните мрежи…

А зошто?

Да бидат ексклузивни во своите вести и информации и во создавање на уште пострашни сценарија за случувањата кои се одвивале во некои семејства кои претрпеле невидени загуби, кои изгубиле син, брат, сопруг, пријател, наставник…. Изгубиле ЧОВЕК бре луѓе пред СЕ!!!!

Изгубиле живот!!!

Зарем мислите дека јас, како негов брат или ајде како личност која има можност да ја прошири веста на неколку портали ја немав ексклузивноста да го пренесам ова и да предизвикам уште поголем хаос во мојата фамилија во трката да бидам прв кој на споделил веста, ЕКСЛУЗИВНО и директно од местото?

Ама не! Вие сте тие кои под присила на своите уредници… ПРИСИЛА, еј!!! Присила на своите претпоставени, директори сте тука да ја зголемите болката на фамилијата која неможе да ја поднесе загубата и да се помири со тоа…. Вие сте тука постојано да ги потсетувате како се случило делото, убиството, самоубиството… Вие сте тука да ни ги разјасните деталите од почеток до крај правејќи своја визија од сето тоа изнесена од претпоставки на население, од своите новинарски манири за од игла да направите слон, од својата желба за медиумски профит и ексклузивност во своите најавни шпици, на своите насловни страни…

Уф!!!!!!!!!!

Потполно Ве разбирам… Само Вие ниту малку не ја разбирате состојбата во која се наоѓа семејството, мајка ми, татко ми, јас како брат на покојникот, сите останати роднини, пријатели…

Воопшто не разбирате дека понекогаш некои работи треба да останат закопани таму каде што се без да се задирнува во проблематиката која исчезнала, зашто брат ми колку и да имал проблеми, со што и да имал проблеми сега веќе ги нема.

А знаете ли зошто?

Затоа што Вие, сите Вие кои пишувавте и говоревте за него, кои правевте свои шпекулации и свои приказни било потковани со факти или потковани со Вашата фантазија имате една вредност. Имате ЖИВОТ….

Е таа вредност мојот брат повеќе ја нема. Запомнете го тоа дека тој таа вредност ја НЕМА повеќе, а Вие му го нарушувате вечниот сон во кој замина….

За Ваша информација… Худини беше магионичар, ама сепак и обичен човек… Мојот брат беше тоа, обичен човек кој имаше многу знаење во него и многу идеи…

Дали знаете дека мојот брат беше дипломиран музичар теоретичар и работеше како наставник по Музичко образование?

Се разбира дека знаете!

А знаете ли дека мојот брат Дипломиран музичар, од обична картонска хартија направи макета на неговата нова куќа комплетно проектирајќи ги и најситните детали од неа? Дали знаете дека самиот тој си ја изгради својата нова куќа од темел до последнате ќерамида, поставувајќи цигла по цигла работејќи како градежен работник, како мајстор? Но, зарем не беше тој наставник по музичко? Веројатно и во текот на изработката на макетата и ѕидањето бил Худини!?!?

Дали знаете дека целосната внатрешна градежна работа ја изведе самиот тој, без ангажирање на било какви градежни работници, од изведување на ѕидни облоги, инсталирање на електрика, инсталирање на подно и ѕидно греење, поставување на столарија, вградување на подни и ѕидни керамички плочки…  Самиот го дизајнираше својот мебел, дури и самиот изработи дел од него, како кујна, комоди и слично… Не знаете?!?!?

Па како така? Па Вие ги знаете и причините под кои се одвивало неговото убиство, или самоубиство, а не знаете дека тој беше еден ОБИЧЕН наставник по музичко образование кој преку своите ХУДИНИ вештини сам си ја изгради својата куќа…

Веројатно откако починал дури и станал од својот гроб за да се самопогреба? М?

Срамота… Навистина срамота за вашите приказни, за изнесувањето на Вашите причина за неговиот чин…

За Ваша информација, тој воопшто не беше разведен… Умреницата го кажува тоа, а и судот го потврдува, ама веројатно новинарстото е професија која нема потреба да чека официјални извештаи од надлежните институции. Во тој случај зошто и постојат тие надлежни институции?

Доволно е да постојат повеќе новинарски куќи и новинари кои секако ќе ни ги соопштуваат сите детали и никому ништо! Без разлика дали некој ќе биде длабоко повреден или ќе предизвика уште поголеми трауми и повреди на одредени фамилии и семејства. Да… Може така!

Само, пак ќе Ви кажам дека единствената причина заради која го изведол своето самоубиство ја знае само тој. Само мојот брат! А Вие ако имате некои гласови или преку своите натприродни моќи можете  да разговарате со него за причините, контактирајте ме мене, неговиот брат, преку редакциите или фан-страните на порталите кои ја пренесуваат оваа моја реакција за ние, потесната фамилија да ја дознаеме вистинската негова приказна.

Можам да се заблагодарам само на еден единствен новинар кој контатираше со мене и кој го изнесе само тоа кое што му реков да го изнесе пред јавноста, зашто со тоа не ја зголеми болката на фамилијата туку се држеше до изразувањето на сочувство со фамилијата, иако му кажав многу повеќе детали за случката.

Почивај во мир мој брате………

Ова е бизарно да се прочита, а камоли да се поверува во него… Дефинитивно добро направено сценарио, добро истресени глупости, далеку од сите факти, ама колегата има приказна која ја пренесува без трошка совест во себе за болката која ја нанесува на некој, и без трошка доблест да се повлече во својата намера…

Извор: Берово денес

25.10.2014 - 13:38

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега