Ратификуван договорот за признавање на возачките дозволи со Србија

Собранието на Република Македонија во рамки на 19. седница денеска ги ратификуваше Договорот меѓу македонската и српската Влада за реципрочно признавање на возачките дозволи, како и Договорот меѓу Република Македонија и Република Италија за социјална сигурност. 

Пратеникот Владимир Ѓорчев истакна дека директно бенефит од договорот за рециопрочно признавање на возачките дозволи ќе имаат граѓаните. - Вакви договори Република Македонија има потпишано со Шпанија, Албанија и со повеќе други земји, но со одреден дел на земји од регионот на ЈИЕ немаме потпишано вакви, а таму нашите државјани најмногу патуваат. Затоа би апелирал повеќе да се сконцентрира на овие земји, рече Ѓорчев.

Договорот меѓу Република Македонија и Република Италија за социјална сигурност опфаќа определување на старосна, семејна и инвалидска пензија, здравствено осигурување на работниците и корисниците на пензија, како и членовите на нивните семејства, право на паричен надомест за време на невработеност и право на детски додаток. Договори од ваков тип досега Македонија има склучено со Хрватска, Турција, Словенија, Бугарија, Германија, Чешка, Бих, Холандија, Полска, Белгија, Луксембург, Канада, Австралија... Во фаза на иницијатива за ваков тип договори се со Албанија, Словачка, Шведска, Франција и Унгарија.  

Пратеничката Магдалена Манаскова го пренесе задоволството на македонските иселеници во Италија, поточно Канели и нивното здружение во однос на ратификувањето на договорот со којшто тие ќе можат да остварат одредени социјални права. 

Ратификувани се и Договорот за основање Центар за развој на финансии, Договорот меѓу Република Македонија и Европската унија за учество на Република Македонија во програмата на Унијата - Царина 2020 и Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Унгарија за размена и заемна заштита на класифицирани информации.  

На дневен ред на 19. седница на Собранието се и предлог законите за изменување и дополнување на Кривичниот законик, на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, Законот за пензиското и инвалидското осигурување, на Законот за технолошки индустриски развојни зони, на Законот за индустриски - зелени зони, на Законот за минерални суровини и на Законот за шумите, сите по скратена постапка.

Пратениците ќе расправаат и за предлог законите за изменување и дополнување на Законот за кредитно биро, на Законот за судските такси, на Законот за извршување на санкциите, на Законот за угостителска дејност, на Законот за превоз во патниот сообраќај, на Законот за јавните патишта, на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, и на Законот за внатрешната пловидба, како и за изменување на Законот за земјоделското земјиште и за дополнување на Законот за приватизација на државниот капитал, сите во прво читање.

27.10.2014 - 13:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега