Стан во Скопје колку соба во Љубљана - кредит во Скопје како затвор во Љубљана

Скопје меѓу најевтините градови за купување стан на Балканот, но со најтешки услови за враќање на станбениот кредит.

Српски Блиц анализираше колкав стан може да се купи за 100 илјади евра во централното подрачје на поголемите градови на поранешните југословенски републики, но и колкава е куповната моќ на купувачите.

Во поглед на квадратурата, за 100 илјади евра најмал стан се купува во центарот Љубљана, само 38 квадрати. Следи Загреб со 43 квадрати, па Белград со 55. Во Скопје за овие пари може да се купи стан од 80 квадрати во центарот на градот. Единствено поевтин е Бања Лука, каде за 100 илјади евра се добиваат 85 квадртни метри.

Но, кога ќе се погледне колкав период е потребен за отплата на станот, ситуацијата е поинаква. Словенците, кога би ја трошеле целата просечна плата од 1000 евра на отплата,  станот ќе го исплатат за 8 години и 3 месеци. На Хрватите со просечна плата од 720 евра ќе им бидат потребни 11 години и 5 месеци. На жителите на Република Српска 19 години и 3 месеци. Македонците, со 330 евра просечна плата, ќе отплаќаат најдолго, 25 години и 5 месеци.

Поширока анализа на цените на недвижностите покажува нивен голем пад во земјите кои пред 6 години беа погодени од хипотекарната криза или кај оние кај што имаше градежен бум. Така, стан во Скопје може да чини речиси исто колку и стан во Флорида. Цените се во голем пад и во Шпанија и Бугарија .

Кога станува збор за станови во елитни населби тогаш убедливо најскап простор нуди Белград, со цени до 3.500 евра за квадрат на Дедиње и Сењак.

29.10.2014 - 22:55

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега