Високиот рејтинг на Македонија - магнет за странските инвеститори

Македонија сѐ почесто котира високо на листите кои ги подготвуваат релевантни глобални фактори, а се однесуваат на водењето бизнис во земјава и економската политика. Потврда за успешните реформи е и последното рангирање за поволностите за водење бизнис на Светската банка, која во својот извештај „Дуинг бизнис“ не смести на 30-то место, една позиција погоре од лани, пишува Лидер.

Еминентниот магазин „Форбс“ неодамна не рангираше како 36-ти од 145 држави кои се најдобри дестинации за водење бизнис. Според индексот на економски слободи на фондацијата „Херитиџ“, Македонија е лидер во регионот во областа на економските слободи  и се наоѓа на 43-то место од вкупно 186 земји. Од друга страна, ФДИ магазинот на „Фајненшл тајмс“, неколку градови и региони во Македонија ги прогласи како најдобри бизнис – дестинации, а индустриската зона во Скопје ја прогласи за најдобра во Европа.

Покрај тоа што овие рангирања претставуваат потврда за добрите економски политики, тие исто така се добра препорака и магнет за странските инвеститори.

Сè она што значи обезбедување на поволни услови за странските инвеститори да го зголемат профитот, ќе значи и подинамичен влез на странски директни инвестици, велат експертите. Ова истовремено е дополнителен поттик за странските инвеститори кои ја разгледуваат Македонија, да видат колку високо земјата е рангирана и конкурентна во опкружувањето. Ваквите рангирања се дополнителен импулс во процесот на привлекување странски инвеститори.

Во изминатиов период, Македонија во континуитет бележи високи оценки за добрата деловна и инвестициона клима, атрактивен даночен пакет, за што потврда беше неодамнешното рангирање од Светскиот економски форум.

Во последниот извештај на Светската банка, Македонија останува меѓу земјите со најдобри резултати на глобално ниво во реформите за олеснување на водењето бизнис.

Македонија котира највисоко, на 30-то место, во споредба со земјите од регионот. Според извештајот Црна Гора е на 36-то место, Бугарија на 38, Романија на 48, Словенија на 51 место, Албанија на 68, Србија на 91 место и Босна и Херцеговина на 107 место.

Драстично подобри бизнис услови за водење бизнис од пред 10 години!

Ако пред 10 години во Македонија за почнување бизнис беа потребни 48 дена, денес оваа постапка може да биде завршена за два дена. Македонија е во чекор со најдобрите светски практики, а напредокот и преформансите се евидентни.

-Македонија направи почнувањето бизниси да биде многу полесно со воведување бесплатна он-лајн регистрација на фирмите. Зајакната е заштитата на помалите инвеститори преку обезбедување претходен преглед на трансакции од страна на надворешен ревизор. Како резултат на тоа полесно се надминува несолвентноста благодарение на воведувањето на рамка за електронски аукции на имотот на должниците, се наведува во последниот извештај на Светската банка.

Три македонски градови исто така влегоа во извештајот „Дуинг бизнис“ меѓу 22 градови во светот што се посочени како најдобри места за инвестирање. Битола на 4-то место, Скопје на 16-то и Тетово на 17-то место.

Од друга страна, ФДИ магазинот на „Фајненшал тајмс“ како најповолни за инвестирање ги рангира охридско- струшкиот регион, скопскиот и штипскиот.

Сите овие рангирања се потврда за тоа дека Македонија во светски рамки веќе е препознатлива бизнис- дестинација.

30.10.2014 - 09:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега