Ристо Гуштеров: Промените во СДСМ ќе донесат промени во државата

-Јас сум убеден дека овие промени во СДСМ дека ќе донесат и промени на следните парламентарни избори. Народот е заситен од актуелната власт. Ако успеат да се одлепат од стеротипите на СДСМ  од минатото, тогаш нивните шанси за преобразба и успех на следните парламентарни избори ќе бидат повеќе од огромни, вели за Прес24, Гуштеров. Либералот, кој веќе подолго време е надвор од политичките случувања, за себе вели дека нема политички амбиции, ниту пак ќе прифати каква било понуда за активирање во политиката, од никого вклучувајќи ги тука и оние кои се обидуваат да наметнат трета политичка опција.

 

- Најдобро ќе беше да дотичниве најдат свое место во своите матични партии и таму да се изборат за позициите за кој што мислат дека ги заслужуваат. Вака избирачкото тело се расцепкува со што овие партии ќе бидат без некој поголеми шанси да успеат, освен ако тоа не е некој поголем проект на актуелната власт за што подолго да владее со Македонија, вели за прес 24, Гуштеров. За него воопшто не е привлечна ниту претседателската функција, за следните избори во март.

- Списокот на кандидати со амбиции да станат Председател на Македонија  е долг, во кој што многу од тие кандидати демонстрират голема нескромност во нивната амбиција да бидат Председател на Македонија, како да е тоа некоја тезга, а не најодговорна позиција во нашава држава. Јас лично немам такви амбиции, вели во саботното интервју за Прес24, Гуштеров

 

Бизнисменот кој беше врската за првите директни странски инвестици, Џонсон Контролс, вели дека привлекувањето на странски инвеститори оди добро, но тоа не е доволно особено што Македонија има застој во евроинтеграциите. Сепак целокупната економска политика на актуелната Влада, според Гуштеров, денеска седум години по доаѓањто на власт, не дава резултати на преродба.

-Јас денес Македонија не ја чуствувам како преродена, туку повеќе ја гледам како поробена од своите синови и ќерки. Ако главен индикатор за економски успешна земја е стандардот и среќата кај граѓаните тогаш Македонија не е економски подобра земја, вели за Прес 24, Ристо Гуштеров во саботното интервју.

 

ПРЕС24: Македонската опозиција има нов лидер. Зоран Заев ја презема одговорноста по серијата порази на СДСМ, да ја врати на победничко моесто. Како Вие го коментирате изборот на Заев, за нов лидер на СДСМ?

ГУШТЕРОВ: Изборот на Заев е добра работа за СДСМ и мислам во Тандем со Шеќеринска и потесна соработка со Јовановски и Гордан Георгиев ќе бидат на добар пат да направат преобразба и внатрешна демократизација, не само во СДСМ, туку и ќе бидат главни носители на демократските процеси и економскиот развој на Македонија во целина.

 

ПРЕС24:  Оценките нан речиси сите политички аналитичари за досегашната политика на СДСМ беше дека има погрешен пристап, погрешна реторика во политичкиот натпревар со владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Кој е Вашиот став. Зошто СДСМ не успева да го победи ВМРО-ДПМНЕ?

ГУШТЕРОВ: Кој вели дека ВМРО-ДПМНЕ е непобедлив? Јас сум убеден дека овие промени во СДСМ дека ќе донесат и промени на следните парламентарни избори. Народот е заситен од актуелната власт. Во услови на понатамошно продлабочување на сиромаштијата и такаречи неприметниот економски развој на Македонија, мора да дојде до промени кој ќе бидат  гарант за подобра иднина на Македонските граѓани и влезот на Македонија во Евро-Атланските структури.
Инаку ореолот за непобедлива партија е излезен и пласиран од политичката кујна на ВМРО-ДПМНЕ, но тоа веќе не е атрактивен производ кој што граѓаните многу лесно го купуваа во првите години од нивното владеење.

 

ПРЕС24:  Што е она што Зоран Заев треба да го промени во СДСМ. Луѓето околу него? Цонцептот на дејствување на партијата?, Реториката?

ГУШТЕРОВ: Мој совет до Заев е да се фати здраво со внатрешната демократизација на СДСМ, да формира што е можно побргу ВЛАДА во сенка со луѓе кој што ќе можат успешно да се носат со проблемите и товарот со кој се соочува  Македонија и Македонските граѓани, да излезе јавно со имињата на кандидатите за таа Влада во сенка, за да граѓаните стекнат доверба во производот што СДСМ го нуди пред избирачкото тело, да не се плаши и од непопуларни решенија за спорот со Грција и Бугарија за што мора да се покаже смелост и визија, бидејќи од популизам и празен стомак не се живее и не се оди напред, во нивните настапи пред јавноста да преовладуват економски теми и визија за иднината на Македонија како држава, да ги подржуват сите добри решенија и понуди од актуелната власт, а најостро и отворено да се критикуваат корупцијата, непотизмот и криминалот кој што во Македонија ги има во изобилие.
Ако успеат да се одлепат од стеротипите на СДСМ  од минатото, тогаш нивните шанси за преобразба и успех на следните парламентарни избори ќе бидат повеќе од огромни.

 

ПРЕС24:  Досегашниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски најави и веројатно за прв пат остана на својот став, дека заминува од СДСМ. Што мислите може ли СДСМ да остане единствена без негово присуство?

ГУШТЕРОВ: СДСМ е силна партија и мислам дека со новото раководство нема никакви опасности да не бидат единствени во сите нивни планови и решенија. Па тоа на крајот на краиштата  го потврдија и со демократскиот избор и атмосфера на нивниот последен конгрес.

Што се однесува до Председателот Црвенковски, мислам дека СДСМ не треба да ја прави истата грешка што ја направи ВМРО-ДПМНЕ со дисквалификацијата на оснивачот и нивниот прв Председател Георгиевски. Црвенковски во својата пеесета година е искусен политичар и неговите совети секогаш можат да  бидат драгоцени за новото раководство.

ПРЕС24:  Како ја оценувате улогата на Црвенковски во 22 годишната независност на Македонија?

ГУШТЕРОВ: И за Црвенковски како и за другите председатели важи истата максима "еднаш председател секогаш председател" и тоа никој не може да го игнорира. Мое мислење е дека тој рано заминува од политиката, заминува во најзрелите години.
Ако зборуваме за негови пропусти, слабости и неуспеси, морам да кажам дека тоа истото мора да се зборува отворено и за Георгиевски и за Груевски.
Во нашава млада држава не беа изградени професионални критериуми за избор на кадри кој што ќе ја водат државата.
Сите тројца станаа председатели на Влада многу млади, или како што народот вели зелени односно не созреани  да можат да водат држава.
Затоа ако се барат пропусти во периодот на владеење на Црвенковки, мора голем дел од тие слабости и пропусти да се одбијат на младоста и на неискуството, но во исто време да му се даде кредит за сите добри проекти во патната инфраструктура, енергетиката, телекомуникациите.  

Знам дека најболно е прашањето на приватизацијата, но сепак мора да сфатиме дека он не дејствуваше сам во реализацијата на тие процеси кој што на некој начин беа исти во сите бивши ЈУ републики, освен Словенија.Тука беа вмешани еминентни професори, академици, искусни политичари како Стојан Андов и Председателот Глигоров кој го имаше последниот збор во целиот тој процес.

Сега веќе Црвенковски е минато и не треба неговото име и понатаму на најневкусен начин да биде предмет за најгруби  манипулации од актуелната власт.

 

ПРЕС24:  Паралелно со изборот на нов лидер на СДСМ на опозициската сцена се случува прегрупирање. Стефчо јакимовски веќе формира свој политички субјект. Владо Бучковски заедно со Минчо Јорданов и една поголема група бизнисмени и интелектуалциј најавуваат нова позитивна страна во политиката. Колкави се шансите за трета опција на политичката сце во Македонија?

ГУШТЕРОВ: Сите што ги спомнувате се производ или на СДСМ или на Либералната партила. Најдобро ќе беше да дотичниве најдат свое место во своите матични партии и таму да се изборат за позициите за кој што мислат дека ги заслужуваат. Вака избирачкото тело се расцепкува со што овие партии ќе бидат без некој поголеми шанси да успеат, освен ако тоа не е некој поголем проект на актуелната власт за што подолго да владее со Македонија.
Инаку третата опција нема да успее се додека не дојде до фундаментална промена во изборниот систем и Македонија не стане една изборна единица. Само на тој начин ќе се створат услови за успех на помалите партии за да покасно истите влезат во проект на окрупнување со што би се створил основниот фундамент за успех на третата опција.

 

ПРЕС24:  Вие подолго време сте надвор од политиката, иако едно време бевте активен политички. Имате понуди за повторно политичко активирање од иницијаторите за создавање трета, или како ја нарекуваат, нова политичка опција?

ГУШТЕРОВ: Јас веќе сум далеку од политиката освен тоа што на дневна основа ги обсервирам сите политички процеси во Македонија. Немам политички амбиции и нема да му се нудам никому или пак да кцептирам понуди од некому.

 

ПРЕС24: Следната 2014 е година на претседателски избори. Имате амбиција за таа функција?

ГУШТЕРОВ: Списокот на кандидати со амбиции да станат Председател на Македонија  е долг, во кој што многу од тие кандидати демонстрират голема нескромност во нивната амбиција да бидат Председател на Македонија, како да е тоа некоја тезга, а не најодговорна позиција во нашава држава. Јас лично немам такви амбиции бидејќи сум веќе Председател на моите деца, кое нешто за мене е и најважната и најодговорната  работа после 40 години напорна работа  во светот на бизнисот.

 

ПРЕС24:  Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ веќе седма година е на власт. Во 2006 кога победи на избори понуди концепт на економска преродба. Какви се Вашите оценки, дали и колку денес Македонија е економски подобра?

ГУШТЕРОВ: Јас денес Македонија не ја чуствувам како преродена, туку повеќе ја гледам како поробена од своите синови и ќерки. Ако главен индикатор за економски успешна земја е стандардот и среќата кај граѓаните тогаш Македонија не е економски подобра земја.

Оваа мора да биде силен сигнал за Премиерот Груевски дека од неговата политика на еден силен популизам, антиекоманија и партизација во сите институции во државата, ќе мора да направи радикален пресврт во неговите политики кои што ќе овозможат зауставување на понатамошниот  пад во сиромаштијата и стандардот на населението, отварање на нови работни места, стоп за  масовното иселување на нашите граѓани во други држави, намалување на дефицитот во трговскиот биланс со странство, далеку повеќе капитални инвестиции во инфраструктурата итн итн.
Само на тој начин ќе може успешно да се избориме во процесот за спасување на бродот што полека, но сигурно тони. Економски просперитет значи и среќни граѓани. Денес нашите граѓани не се среќни!

 

ПРЕС24:  Во овој период сепак се случија неколку странски инвестиции. Најголемиот фокус Владата го насочува токму на овој план.  Успева ли доволно добро да ги привлече странците да ибжнвестираат во Македонија?

ГУШТЕРОВ:  Имајќи ги в предвид условите на глобалниот пазар и силната конкуренција во носење на директни странски инвестиции во Македонија, мислам дека процесот тече добро, иако никогаш не е доста. Меѓутоа многу важно за продлабочувањето  на тој процес и максимизирање на бројот на директни странски инвестиции, потребно е што побргу да се завршат процесите на интегрирање на Македонија во Евро-Атланските структури. Ако тоа не се случи во наредните  две-три години, тогаш неодминлива е опасноста странските инвеститори да ја одбегнуват Македонија како примамлива дестинација.

ПРЕС24:  Овие седум години Владата направи серија законски измени кои требаше да ја подобрат бизнис климата во државата. Колку тие реформи дадоа резултат?

ГУШТЕРОВ: Реформите за кои што вие зборувате даваат резултати, но многу работи се уште се само реформи на хартија, додека во практичниот живот се уште се судрувате со гломазна и неефикасна администрација.

 

ПРЕС24:  Веќе неколку години поради спорот со Грција Македоноија останува надвор од евро-атланските интеграции. Како ја гледате Македонија, десет години подоцна доколку не се направи исчекор на тој план?

ГУШТЕРОВ: Во колку не најдеме рационални решенија и со Грција и со Бугарија, ќе се судриме со опасноста Македонија да исчезне како држава, или пак да се најдеме во една поширока заедница со Албанија и Косово, каде што Македонците ќе бидат само едно малцинство кое што тешко ќе се избори за својот опстанок. Зарем тие процеси нашите Македонци не ги веќе чуствуваат на своја кожа во многу градови и села каде што дозволивме во сопствената држава да бидат малцинство?

најчитано сега