Македонија помеѓу економските лидери во Европа

Додека земјите од стариот континент сеуште бавно закрепнуваат по ударот на финансиската криза, со раст на БДП од 3,3 проценти, оваа година, Македонија е на второто место во Европа, анализира Лидер.

 

Економските експерти од Европската комисија оценуваат дека оваа тенденција на раст ќе продолжи и следната година, кога е предвиден раст од 3,4 проценти, додека за 2016 година, бруто домашниот производ на нашата земја се очекува да има раст од 3,6 отсто, со што повторно Македонија ќе се најде на врвот на листата земји во Европа со највисок економски раст.

И во однос на буџетскиот дефицит и јавниот долг, Македонија е помеѓу најниско задолжените држави во Европа. Оваа година буџетски дефицит на Република Македонија се очекува да биде четири проценти, што ја сместува земјата во средината на европската табела, додека пак јавниот долг се очекува годинава да достигне 40,2 % и истиот да порасне до 43,5 % за две години.

Позитивен тренд Македонија бележи и во однос на стапката на невработеност, иако во овој сегмент сеуште сме на дното. Од 31,4 проценти во 2011 година, годинава невработеноста се очекува да падне на 28,5 отсто. За 2015 година, ЕК предвидува раст на вработеноста за 2,1 проценти, а за 2016 година, просекот на бројот на вработени во Македонија да порасне за 2,3 проценти, кога стапката на невработеност би се намалила на рекордни 26,6 проценти.

Ваквите позитивни трендови, според европските економисти се случуваат најмногу благодарение на политиката и реформите за зголемување на вработеноста, привлекување на странски инвеститори, јакнење на домашната потрошувачка и инвестициите во инфраструктурата.

Динамиката на цените, како и зголемувањето на номиналните плати, го кренале просекот на нето- платите. Зголемувањето на платите во јавната администрација и на пензиите, очекуваното забрзување на растот на вработувањата, дознаките од странство и силното трошење општествен капитал, според европските аналитичари, ќе ја зајакне приватната потрошувачка и инвестициите, помогнато од понатамошно зајакнување на кредитниот раст.

Исто така, економијата на Македонија напредува и поради динамичната извозна активност, предводена пред сѐ од активноста на странските инвеститори.

Европа се уште во проблеми

На ниво на Европската унија, пак, ситуацијата со економијата и вработувањата, не се подобрува доволно брзо. Слаб економски развој и мал раст на инфлацијата следната година, но и за наредниот период.

Растот на економијата до крајот на годинава ќе изнесува 0,8 % во еврозоната, додека забрзувањето на економската активност е околу 2%.

Економските експерти велат дека Европската унија мора да работи на три фронта- на развој на кредибилна фискална политика, развој на структурни реформи и на инвестиции.

Во 2015-та година, економското закрепнување ќе биде бавно, смета потпретседателот на Комисијата за работни места и инвестиции, Јурки Катаинен, поради што Европската комисија ќе создаде фонд за отворање работни места.

Ќе биде претставен и инвестициски план вреден 300 милијарди евра за поттикнување и одржување на економското заздравување.

Од останатите економии во рамки на ЕУ, Ирска годинава може да очекува највисок економски раст. Земјата која пред неколку години беше под закана од банкрот, годинава е предвидено да заврши со економски раст од 4,6 % од БДП.

Од друга страна, Хрватска е најголемиот губитник, и има најлоша прогноза за економскиот раст од сите земји членки на Европската унија поради големата внатрешна и надворешна нерамнотежа, лошата бизнис клима и слабиот пазар на труд.

 

05.11.2014 - 10:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега