Заев ги теши пратениците: Нема шанси Вељаноски да ги активира оставките на 10 ноември

По вчерашната лидерска средба на коалиционите партнери на СДСМ и состанокот на коалиционите пратеници со пониските ешалони на социјалдемократите, тактиката на двоецот Заев-Шекеринска за ширење заблуди станува предвидлива. Нашите соговорници кои се дел од високите опозициски структури, делувањето на раководството на СДСМ го опишуваат како дволична игра. Имено, лидерот на СДСМ, Заев едно зборува пред камерите и јавноста, а со сосема други аргументи се обидува да ги убеди актуелните пратеници во нешто спротивно. Приказните кои раководството на СДСМ ги шири зад затворени врати на состаноците со пратениците се дека нема никакви шанси до 10 ноември, па и после овој датум, претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, да им ги констатира оставките или пак да започне процедура за одземање на мандатите по основ на неоправдано отсуство од шест месеци. Според нашите извори, двоецот Заев-Шекеринска ги смирувале актуелните пратеници кои не се согласувале со бојкотот со наводни цврсти гаранции, кои не кажувале од кого и како ги добиле, според кои тие ќе останат пратеници, и дека понатаму ќе им легнувала платата од повеќе од илјада евра месечно. Дури, раководството на СДСМ ги убедувало коалиционите пратеници да не им обрнуваат внимание на изјавите на Заев со кој тој манифестирал цврстина во ставот дека остануваат на бојкотот, бидејќи тоа било само парада за јавноста, а всушност ваквите изјави биле дел од сценарио за создавање на клима за преговори со ВМРО ДПМНЕ, кои требало да завршат со позитивен исход во декември пред новогодишните празници.

Паралелно, високи партиски извори тврдат дека Зоран Заев бара начин како да се ослободи од притисокот кој го има од партиските членови, симпатизери и медиумски подржувачи, за наводната “бомба“ која спектакуларно ја најави, а јавноста се уште не може да ја види. Лидерите на ЛДП и НСДП, Жерновски и Петковски, не сакале на слепо да ја споделат одговорноста за ваквите најави на Заев, бидејќи освен шпекулации за содржината, не можеле да се убедат во веродостојноста на информациите кои им ги продава лидерот на СДСМ. Плашејќи се од тужби за клевета, лидерската тројка наводно размислувала одговорноста да ја префрли на опозициските пратеници кои во такви услови без прифатено барање за “техничка влада“, би можеле евентуално да се вратат во парламентот со седница на која би се ставила на тест довербата на владата на Никола Груевски, па така истите заштитени со пратеничкиот имунитет, да ја превземат улогата на нивните лидери.

Ваквото делување на раководството на СДСМ, според нашите соговорници е уште еден обид преку ширење на заблуди и со двојни игри да се затскрие очигледниот недостаток на стратегија за делување.  Некои од актуелните пратеници кои се уште сакаат да останат анонимни се сомневаат дека обидот на двоецот Заев-Шекеринска е со лажна надеж да ги обесхрабрат во намерите а уште повеќе да го амортизираат незадоволството на пратениците кои отворено се спротиставуваат на бојкотот на парламентот и кои сметаат дека иститот нема никаква смисла ако не се продлабочи со оставки на градоначалниците и советниците. Најблиското опкружување тврди дека Заев најмногу се вознемирува кога дел од пратениците со висок тон му бараат оставка од градоначалничката функција, бидејќи според нивните информации речиси сите последни анкети, кои се кријат зошто покажуваат континуиран и драматичен пад на неговиот рејтинг токму во родната Струмица, што претставува закана дека на локалните избори го очекува пораз. Лидерот на СДСМ, упорно повторува дека нема намера по ниту една цена да ја напушти градоначалничката функција во Струмица, која според неговото толкување била своевидна заштита за неговите и бизнисите на неговото семејство. Ваквиот исклучив став на Заев дополнително создава нервоза кај незадоволните пратеници кои се повеќе стануваат свесни дека се единствените жртви на безидејните политики на опозициското водство. Едно е сигурно, СДСМ е на најдобар пат да експлодира од внатрешните состојби.

05.11.2014 - 12:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега