Попоски прв од земјите од проширувањето на средба со еврокомесарот Хан

 
Новиот еврокомесар за соседство и преговори за проширување, Јоханес Хан, го остварува ветувањето дека Република Македонија ќе биде прва на неговата агенда откако на 1. номеври го превзема ресорот на Штефан Филе, јаува дописникот на МИА од Брисел.
 
Во среда нa 12 ноември, Хан ќе оствари средба со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски во зградата Берлемонт на Европската комисија во Брисел.
 
Оваа средба, како што за МИА потврди портпаролката на Хан, Маја Коцијанчич, ќе биде негова прва откако го превзема поширувањето во Европската комисија, со претставник на земја-кандидат за проширување. Поради неговиот личен и професионален интерес за одмрзнување на евроинтеграциите на Република Македонија и покрај шесте последователни препораки за почеток на пристапните преговори на Еврокомисијата, што поради грчкото вето на Европскиот совет не може да се оствари, Австриецот Хан ја започнува својата приказна со Западниот Балкан токму со нашата земја.
           
- Потврудавам дека комесарот Хан, следната недела ќе се сретне со министерот за надворешни работи Никола Попоски во Брисел и како што знам ова е негов прв состанок со претставник од земјите од Западен Балкан - истакна портпаролката Коцијанчич.
 
Од канцеларијата на еврокомесарот за преговори за проширување, исто така посочија дека истиот ден кога ќе се сретне со Попоски, Хан ќе има средба и со црногорски министер за внатрешни работи, а на 20 и 21 овој месец, комесарот ќе оствари посети на Белград (Србија) и Подгорица (Црна Гора).
 
Гласноговорничката на комесарот за проширување, Коцијанчич, исто така потврди дека средбата Хан-Попоски ќе започне во 15:00 часот во среда и е предвидено да трае еден час. На овој состанок, шефот на македонската дипломатија ќе дојде директно од дебатата во зградата Резиденс Палас во Брисел, каде ќе учествува на дебата ЕУ, Западниот Балкан и регионалната стабилност, организирана од страна на германската фондација Ханс-Зејдел Штифтунг.
 
Покрај Попоски, на оваа дебата ќе учествуваат и европарламентарците Андреј Пленковиќ и Алојз Петерле, како и се уште актуелната директорка на секторот Б во Генералниот директорат за проширување, Александра Кас-Грање, која наскоро ќе замине во пензија и на нејзино место, во одделението на ЕК каде е и Македонија, ќе дојде Жан-Ерик Паке.
07.11.2014 - 14:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега