Попоски се сретна со генералот Бартелс

 

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска оствари средба со претседавачот на Воениот комитет на НАТО, генерал Кнуд Бартелс кој се наоѓа во дводневна работна посета на Република Македонија.

На средбата Попоски ја реафирмираше определбата на Владата за што поскоро зачленување во НАТО, како еден од врвните приоритети на надворешната политика на Република Македонија. Ја истакна континуираната посветеност на Владата во спроведувањето на националните реформски процеси содржани во Годишната национална програма за членство на Република Македонија во НАТО 2014-2015 во рамки на 16-от циклус на Акцискиот план за членство.

Истовремено, како што се наведува во соопштението од МНР, беше нагласен нашиот досегашниот ангажман во меѓународните мировни мисии. Во оваа насока беше реафирмирана заложбата на Република Македонија за учество во новата мисија во Авганистан за обука, тренирање и помагање на авганистанските безбедносни сили „Решителна поддршка“, согласно потребите на Алијансата, мандатот на мисијата и можностите на Македонија.

На состанокот двајцата соговорници разменија мислења и во однос на опасностите од тероризмот и новите безбедносни ризици.

Министерот Попоски и генералот Бартелс, стои во соопштението, се согласија дека градењето на партнерска соработка претставува заеднички интерес и определба, што истовремено придонесува кон зајакнување на регионалната и глобалната безбедност и претставува дополнителна вредност во прилог на нашето што поскоро зачленување во НАТО.

За време на посетата генерал Бартелс оствари средби и со претседателот на Република Македонија Иванов, министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот на АРМ Горанчо Котески.

07.11.2014 - 14:51

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега