Нови инвестиции од ветената земја доаѓаат во Македонија

Њујорк, Чикаго, Лос Анџелес се светските економски и финансиски центри каде македонската делегација деновите ги презентира можностите за инвестрање во земјава. Откако ги слушнаа условите за бизнис, американските компании се заинтересираа и најавија скора посета во земјава, анализира Лидер.

Мисијата успешна -американски компании доаѓаат во Македонија

Њујорк – Компанија која произведува делови од автомобилската индустрија и софтвер за редуцирање на зависноста од електричната енергија изјави дека е заинтересирана да инвестира во Македонија.

-Бараме локација за градење фабрика и производство некаде во светот.Доста сум импресиониран од поволностоте кои ги нудите. Планирам да ја посетам Македонија до крајот на годината, најкасно на почетокот на јануари идната година, и да се информирам за тоа колку ќе чини и што е се потребно за да се започне со производство до крајот на следната година, изјави сопственикот на „Смарт Колинг“, Ендру Лоза.

Чикаго - Задоволен сум што имам прилика да слушнaм непосредно од премиерот Груевски како Македонија реинвестира и гради за доброто на Македонија, за обезбедување нула проценти данок за реинвестирана добивка, како и за можноста за давање под закуп земјиште под поволни услови за период до 99 години. Многу сум задоволен од можностите за отпочнување бизнис во Македонија и затоа го користиме овој форум за соработка и контакти за да инвестираме во Македонија во инженерството кое ни е неопходно во САД. Наместо да носиме инженери тука ние сакаме да вработиме инженери и веројатно да отвориме бизнис во Македонија, изјави Дејвид Јанќосек.

Лос Анџелес Извршниот директор на компанијата „Алорика“, Енди Ли, компанија која се занимава со аутсортинг и консалтинг услуги која воедно вработува над 16.000 луѓе во светот, активно ги разгледува можностите за инвестирање и е во процес на планирање конкретна соработка.Тој изјави дека како компанија работат во многу држави во светот и она што имале можност да го слушнат од бизнис форумот е дека човек може да биде задоволен од водењето бизнис во Македонија.
- Македонија има високо образована работна сила, многу е посветена на привлекување инвеститори и има Влада која го поддржува бизнисот што од моја перспектива укажува на тоа дека има се што ни е потребно да бидеме успешни, при што со нетрпение очекуваме да дојдеме и да научиме повеќе. Ние ќе ја посетуваме Македонија во наредните три месеци за да направиме детални анализи за можноста да отпочнеме бизнис во државата, изјави извршниот директор Енди Ли.

Сопственикот на компанијата „Иноваворкс“, која се занимава со развивање на софтверски решенија, Дејвид Хантер кој веќе пред неколку години има формирано претставништво во Република Македонија е задоволен од поддршката што ја добива.
- Моето искуство од соработката со Владата го направи секој аспект од нашата работа многу полесен. Мојот план во Македонија е да се прошириме, сакаме да работиме со поголеми компании, со користење обучена работна сила од повеќе области, изјави Хантер.

Делегацијата во САД ја предводи премирот Груевски.  Заедно со владиниот тим деталано се презентираат можностите за инвестирање, како растот на индустриското производство, поволностите кои се нудат во зоните, даночните олеснување и најниските даночни стапки во Европа, реформите во катастарот и постапката за брзо формирање на фирма, инвестициите на владата во капитални проекти како што се изградбата на три нови автопати, изградба и реконструкција на железницата, стимулирање на развојот на градежништвото.

- Минатата година ја завршивме со трет најголем раст во Европа, а Европската Комисија објави извештај со кој известува дека според нивните анализи оваа година Македонија ќе ја заврши со втор најголем раст во Европа што е добар индикатор. Генерално Македонија води здрава и стабилна макроекономска политика. А во однос на бизнис климата би рекол дека Владата е целосно посветена кон креирање на добра бизнис клима и тоа е всушност нашата главна преокупација. Во таа насока се спроведоа многу реформи и мерки меѓу кои и проектот регулаторна гилотина каде илјадници бирократски процедури станаа пократки и поевтини или комбинација од ова, процес кој е спроведен со стопанските комори и во соработка со околу 300 компании од различни сектори“ истакна Груевски, пред компании од разлини сектори.

Успешни приказни од САД

Американските компании во континуитет имаат интерес за инвестирање во Македонија што покажува дека тоа е пазарот на кој во иднина треба да се фокусираме, категоричен е вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. 

Според него, тоа го покажува и присуството на неколкуте успешни инвестиции од Америка во Република Македонија.

- Би ги спомнал само Џонсон Контролс, Кемет Електроникс, Амфенол и други фирми кои што веќе имаат база во Република Македонија и веќе вработија луѓе и не само тоа туку задоволни од условите што ги имаат во Македонија се одлучија за изградба на втора фабрика како што е случајот со Џонсон Контролс кој што уште во 2007 година ја направи првата инвестиција, а четири до пет години подоцна во Штип каде што имаат 1.300 лица вработено, а ќе стигнат до 1.500. Кемет електроникс достигнаа околу 250 вработувања во Република Македонија, а неодамна ни соопштија дека ја префрлаат базата за услуги од Европа во Македонија што се нови 25 вработувања со можност понатаму да стигнат и до повеќе вработувања. Сето тоа покажува дека треба да останеме фокусирани на американскиот пазар, да продолжиме со бизнис форуми тука во САД и да настојуваме да донесеме нови фирми, истакна Ставрески.

Зоните се главни адути за привлекување инвестиции

Според директорот на Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони Виктор Мизо еден од главните адути за привлекување инвеститори освен даночната политика, намалување на административните бариери и кратење на процедурите се и поволностите што се нудат во зоните.

-Најголемиот фокус што се користи при презентирање на можностите за инвестирање во Македонија и истовремено најголем интерес од страна на странските компании побудуваат технолошко индустриско развојните зони, додавајќи дека не се само поволностите што се нудат на овие локации туку и истовремено самиот факт што таму има веќе изградена инфраструктура со што компаниите можат многу лесно и брзо да започнат со изградба на своите капацитети.

Во таа насока е и ангажманот за подобрување на можностите за инвестирање во Македонија и изнаоѓањето соодветна локација за што потврда е и наградата која пред две недели ја добивме од страна на FDI магазинот каде што зоните во Скопје беа прогласени за најдобри зони за големи мултинационални компании во Европа“ изјави Виктор Мизо, директор на ТИРЗ,

Пофалби за македонската економија

Извршниот директор на Стопанската комора на државата Илиноис во кој спаѓа и градот Чикаго, Лаура Ортега се осврна на можностите за соработка и искористување на потенцијалите во насока на развивање на економските односи.
- Стопанската комора на државата Илиноис опфаќа 3.500 членови фирми, вклучувајќи и брендови и големи корпорации како „Катерпилар“, „Џон Деар“, „Боинг“, но и средни и мали компании. Во основа во нашата комора има најголема концентрација на фирми кои спаѓаат во групата на 500 (форчн) најголеми фирми во светот и кои имаат свои претставништва овде во Илиноис. Ги информирам членовите на комората за многу работи, а она што можам да го кажам дека сум апсолутно импресионирана за Македонија и можностите кои ги нуди и бизнис околина за која многу компании зборуваа. Импресионирана сум и со нетрпение ќе ги пренесам тие информации до компаниите од Стопанската комора на Илиноис за да се овозможи доколку може конкретна соработка, изјави извршниот директор Лаура Ортега.

Напредокот кој го постигна Република Македонија во градењето на добра бизнис клима останува забележано и од реномирани институции. – Многу интересно и импресивно во Македонија е тоа што оваа земја започна со бели страници на кој немаше испишано ништо, пред неколку години мораше да се соочи со многу тешка економска ситуација и тие започнаа да ја испишуваат таа бела страница, одлучувајќи, следејќи ги препораките на Светската банка и другите финансиски институции, да се фокусираат на претприемништвото и развојот на бизнисот и да привлекуваат инвеститори во државата. Тие станаа многу отворени и почнаа да ги применуваат најдобрите практики кои можат да ги искористат. И не само да ги преземат, туку да ги спроведат во практика, вели Емануел Поликвин од Светската банка.

08.11.2014 - 10:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега