Успешна посета во САД- Инвестициите создаваат подобри услови за живот

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и владината делегација, во текот на вчерашниот ден се обратија на бизнис форум кој се одржа во Лас Вегас, САД, каде беа претставени поволностите кои ги нуди Република Македонија за реализација на странски инвестиции.

Лас Вегас претставува значаен економски и туристички центар, каде се присутни најголемите хотелиерски компании во САД и фирми кои се занимаваат со игри на среќа, но и компании од нафтената и прехрамбената индустрија, како и информатичката технологија.

Премиерот Никола Груевски пред присутните претставници на компании ги образложи условите за водење на бизнис и можностите кои им стојат на располагање. Тој посочи дека Владата е целосно насочена кон привлекување на инвестиции од различни сфери се со цел поддршка на економскиот развој, и во таа функција е посетата на САД како земја која содржи голем економски и инвеститорски потенцијал.

Груевски изјави дека Република Македонија има најниски трошоци за правење на бизнис споредено со било која друга европска држава.

-Кога во најголем број на државите невработеноста растеше во Македонија невработеноста се намали на 28.2 проценти што е намалување за 10 проценти во изминатите неколку години, процент кој што е се уште висок, но трендот на намалување е многу добар, изјави Груевски.

Тој истакна дека Владата е насочена и кон изградба на патна и железничка инфраструктура која е многу важна за инвеститорите, при што напомена дека во моментот се градат три нови автопати, како и нова железничка пруга за поврзување на државата со источниот сосед Бугарија.

Премиерот Груевски на крајот од својата посета на САД заклучи дека владината делегација имаше прилично успешна посета, тргнувајќи од Њујорк, Чикаго, Лос Анџелес и овде во Лас Вегас.

-Има голем интерес и доста прашања на презентациите, многу лични контакти после самата презентација, неколку од нив објавија доаѓање во Македонија да се информираат подетално, a дури неколку од нив објавија дека ќе инвестираат во Македонија. Ќе ги продолжиме контактите со повеќето од нив. Особено со оние кои размислуваат да инвестираат во Македонија. Убеден сум дека и од другите компании кои што беа присутни, а кои што сакаат да направат уште подетална анализа и контакти со нас дека во догледно време ќе произлезе уште некој инвеститор и практично отворање на нови работни места, изјави премиерот Груевски.

Министерот Веле Самак изјави дека Лас Вегас и регионот на јужна Невада е интересен бидејќи има и доста разновидна економска база со повеќе видови индустрии, пред се технолошко производствената индустрија, медицинската индустрија, градежништво и трговија со недвижности.

-Тие се индустрии за кои сметаме дека има голем потенцијал во Република Македонија, при што со нашите овдешни дискусии и информации се надеваме дека ќе ги привлечеме некои од овие посетители на настанот да дојдат да ја посетат Македонија и да ги видат можностите за инвестирање. Америка е важна за нас бидејќи најголем број од новите гринфилд инвестиции, покрај Европа доаѓаат и од Америка. Ова го правиме поради отворање на нови работни места и подобрување на стандардот на граѓаните, изјави Самак.

На бизнис форумот беше присутен Ричард Кравфорд сопственик на компании од нафтената и прехрамбената индустрија кој позитивно ги оцени условите за инвестирање.

-Навистина сум импресиониран од Владата на Република Македонија и нејзините напори да го олеснува и овозможува доаѓањето на компании во државата со што овозможува процесот на инвестирање и на транзиција на капиталот да го направи супер полесен, што е спротивно со многу други држави кои фрлаат пречки и прават блокади на тој процес. Ние доаѓаме од нафтената индустрија во Невада и соработуваме со многу влади. Добро е што Македонија има добра филозофија да го направи работењето на компаниите полесно, ефикасно и да соработува со нив за да ги направат поуспешни во нивното работење, изјави Кравфорд.

Со бизнис форумот во Лас Вегас, владината делегација предводена од премиерот Груевски завршува со својата економска посета на САД.

08.11.2014 - 12:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега