Ги натовариле автомобилите со мигранти - кривични за пет лица

Во три одвоени случаи изминатата недела поднесени се кривични пријави против пет лица: Е.Н. (34) од Велес, Х.А. (29), од село Ваксинце и А.Д.(21) од кумановско Лојане, Ј.Л. (54) од Велес и Ќ.А. (38) од скопско Студеничани, осомничени за криумчарење мигранти, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Откриени се 31 илегален мигрант, од кои 18 од Авганистан, 11 од Сирија и двајца од Бангладеш. На тројца од пријавените, Е.Н., Х.А. и А.Д., им е изречена мерка притвор од по 30 дена, а на Ќ.А. притвор во траење од осум дена.

Во првиот случај тројацата пријавени Е.Н., Х.А. и А.Д. на  2 ноември околу 19.30 часот на регионалниот пат Валандово - Богданци во близина на браната кај село Паљурци прифатиле 20 илегални мигранти (18 од Авганистан и двајца од Бангладеш) и ги качиле во товарно возило „мерцедес“ со скопски регистарски таблички управувано од првопријавениот, кој за превозот  требало да добие 1.200 евра.

Второ и третопријавениот со патничко возило „шевролет крузе“, исто така со скопски регистарски таблички, во својство на претходница или „чистачи“ се движеле пред камионот во правец кон Куманово. При полициска контрола во близина на клучка на влез во Радовиш првопријавениот наместо да го сопре камионот продолжил да се движи по спореден земјен пат во правец кон Штип но сопрел, излегол од камионот и избегал.  Набргу бил стигнат и приведен.  Х.А. и А.Д. биле сопрени од полициски службеници кај местото Клучка Ињево и се приведени.

Во вториот случај пријавената Ј.Л., исто така на 2 ноември, прифатила шест лица од Сирија, меѓу кои и лице кое наводно го познавала од Грција каде што заедно работеле во оранжерии и ги сместила во хотел во Велес гарантирајќи за нив дека не се илегални мигранти и доставувајќи своја патна исправа за нивно пријавување во хотелот.

И во третиот случај Ќ.А.. во близина на Гевгелија прифатил петмина сириски илегални мигранти со намера да ги донесе до Куманово, со патничко возило „волксваген голф 4” со странски регистарски ознаки. Набргу по преземањето на мигрантите полиција се обидела да го сопре возилото на автопатот во правец Гевгелија - Скопје кај Неготино. Наместо да застане на даден знак „стоп”, возилото продолжило да се движи. По неколку метри сите лица од возилото излегле и почнале да бегаат, а возилото некотролирано почнало да се враќа наназад и било сопрено од полициски службеник пред да предизвика сообраќајна несреќа. Набргу биле  фатени сите лица од возилото - петте сириски и македонскиот државјанин Ќ.А..

09.11.2014 - 12:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега