„Клучот за добрата услуга е во ваши раце ” - ажурирај ги твоите лични податоци!

Дирекцијата за заштита на личните податоци и ЕВН Македонија, ја почнаа реализацијата на проектот „ КЛУЧОТ ЗА ДОБРАТА УСЛУГА Е ВО ВАШИТЕ РАЦЕ“. Целта е да се подигне свеста кај граѓаните за потребата од ажурирање на нивните лични податоци како корисници на услугите на ЕВН Македонија, како и нивните обврски за давање на личните податоци во контекст на исклучоците од примената на Законот за заштита на личните податоци.

 Личните податоци на корисниците ќе се обработуваат правично и во согласност со закон и треба да бидат соодветни, релевантни и не преобемни во однос на целите заради кои се собираат и обработуваат. За целосно почитување на ова начело, ажурирањето на личните податоци ќе се врши со пополнување на формулар кој што на граѓаните ќе им биде доставен заедно со следните сметки за потрошена електрична енергија. Пополнетиот формулар граѓаните ќе може да го остават во означените кутии во еден од наплатните пунктови на ЕВН Македонија или да го испратат по пошта.

 Дирекцијата за заштита на личните податоци ја гарантира безбедноста на податоците. Со овој проект заеднички со ЕВН сакаме да  постигнеме воедначена заштита на личните податоци на граѓаните, да ја потенцираме потребата од ажурирање на збирките на личните податоци кај давателите на јавни услуги, со една цел, подобра заштита на граѓаните како и обезбедување поквалитетна услуга, рече г. Димитар Ѓеорѓиевски, директор на ДЛЗП. Воедно, потенцираше, Ѓеорѓиевски, активностите се насочени и кон подигнување на општествената одговорност на давателите на јавни услуги кон граѓаните и заедницата и подигнување на јавната свест за обврската за ажурирање на личните податоци кои се водат кај контролорите.

 ЕВН Македонија е одговорна за обработката на личните податоци на корисниците и за роковите на нивното чување, но корисниците исто така имаат обврска да обезбедат точни, целосни и ажурирани податоци.

Ажурирањето на личните податоци ќе придонесе за унапредување на квалитетот на услугите што е стратегиска определба на ЕВН Македонија, изјави д-р Игор Гиевски, член на Управниот одбор – ЕВН Македонија. Само со точни податоци корисниците ќе можат да добијат квалитетна услуга, навреме да бидат информирани за сите теми врзани за потрошувачката на електрична енергија, редовна достава на фактурите но и да се избегнат исклучувањата поради погрешни податоци и полесно и ефикасно да се лоцираат можните прекини во снабдувањето, појасни Гиевски. 

 

Дирекцијата за заштита на личните податоци со овој проект ја промовира и својата официјална маскота „ПРИВАТКО“, што ќе се користи при разни кампањи, публикации, организирање конференции, конгреси, семинари, промотивни настани со цел подигање на јавната свест за заштита на личните податоци. 

10.11.2014 - 14:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега