Француската и германската амбасада во Скопје одбележуваат 100 години од Првата светска војна

По повод стогодишнината од почетокот на Првата светска војна, амбасадите на Република Франција и на Сојузна Република Германија во Македонија, денеска заедно ќе го одбележат 11 Ноември, датумот на кој во 1918 година било потпишано примирје и ставен крај на непријателствата.

Заеднички церемонии ќе се одржат на Француските воени гробишта во Битола, каде што говор во сеќавање на жртвите ќе одржи амбасадорката на Германија Кристине Алтхаузер, а на Германските воени гробишта во Прилеп ќе говори амбасадорката на Франција Лоренс Оер.

Целта на заедничката комеморација е симболично да се покаже француско-германското помирување и пријателство.

- На овој ден на сеќавање ќе им се оддаде почит на сите мртви, ранети, исчезнати и раселени лица, на жртвите на насилство и ранети лица од сите војни и сите народи, се вели во заедничкото соопштение од двете амбасади.

Венец цвеќе на воените гробишта во Битола и во Прилеп ќе положи и делегација на Собранието на Република Македонија, предводена од потпретседателот Антонио Милошоски, министерот за одбрана Зоран Јолевски, како и претставници на локалните власти и на дипломатскиот кор во Македонија. 

11.11.2014 - 09:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега