Грција не ја интересираат утрешните разговори за името

Во Грција владее целосна незаинтересираност за утрешната нова рунда разговори во Њујорк во рамките на процесот за решавање на спорот за името на Македонија, јави дописникот на МИА од  Атина.

Вообичаено во деновите пред состаноците со медијаторот Метју Нимиц, во Грција се шпекулира на разни теми, медиумите објавуваат разни „ексклузивни“ информации од „добро упатени извори“. Овој пат никој не објавува ништо.

Последните информации на оваа тема се од пред еден месец, кога и МИА објави дека Скопје и Атина официјално не добиле нов предлог за името од медијаторот Нимиц.

И министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос по вчерашниот состанок на Националниот совет за надворешна политика не кажа ништо ново во врска со преговорите. Тој повтори дека Грција ги почитува процесот и Нимиц, и оти „учествува со добра волја и на конструктивен начин, а истите чекори ги очекува и од другата страна“.

- Нашата позиција е многу јасна и е позиција која е во согласност со меѓународното право, како и со потребата поширокиот регион на Југоисточна Европа да стане регион на стабилност и просперитет, рече Венизелос.

Времената спогодба меѓу Грција и Македонија во членот 11, предвидува експлицитна обврска за Грција да не се противи на пристапувањето или полноправното зачленување на Република Македонија во меѓународни организации под привремената референца „поранешна југословенска Република Македонија“, како што е предвидено во Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Пресудата на Меѓународниот суд на правда од декември 2011 година гласи дека Грција ја прекршила Времената спогодба од 1995 година „противејќи се на пристапувањето на Република Македонија во НАТО во периодот пред Самитот на НАТО во Букурешт од 2008 година“.

Сепак и покрај се, официјална Атина тврди дека нејзиниот став е во согласност со меѓународното право

11.11.2014 - 12:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега