„Ајде да гледаме филмови“ - прв филмски фестивал за деца

Под мотото „Ајде да гледаме филмови“од 10 до 14 декември во кината Милениум и Синеплекс во Скопје ќе се одржи првиот детскиот филмски фестивал Кидс фест. 

Во рамки на првото издание на фестивалот најмладите љубители на седмата уметност ќе имаат можност да гледаат интересни филмски премиери на анимирани, играни и документарни филмови од Америка, Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Данска и Хрватска.

-На сите ни се познати супер хероите како Бетмен, Супермен и Спајдермен, но она што ќе го научиме од данскиот филм „Мравко“ е дека храброста не зависи од тоа дали си мал или голем, бидејќи хероите можат да бидат и деца и возрасни. Од Франција доаѓа трогателната приказна “Бела и Себастијан“ за шестгодишното момче и неговото пријателство со диво куче. Новиот документарен филм од францускиот режисер Лук Жан „Си беше еднаш една шума“ претставува не само омаж на величественоста на прашумите, туку и апел за нивна заштита од изумирање. Малата глувчица Селестин и сиромашното мече Ернест ќе успеат да ги надминат сите разлики и да изградат убаво пријателство во француско-белгискиот анимиран филм „Ернест и Селестин“ кој мината година беше номиниран за Оскар во категоријата за најдобар анимиран филм, информираат од дистрибутерската куќа MCF.

На репертоарот на кината ќе се најдат две норвешки остварувања за авантурите на најдобрите другари Каспер и Ема во која ги следат нивните најдобри плишани пријатели Зајчицата на Ема и Лавчето на Каспер. 

Како што информираат од MCF, поголемиот дел од овие остварувања е прикажан на познатите светски фестивали на кинематографија за деца, а на Кидс фест ќе се најдат синхронизирани на македонски јазик. Во кината најмладите посетители ги очекуваат и интересни работилници, игри и подароци.

Цената на билетите за проекциите на Кидс фест во кино Милениум ќе изнесува 130 денари за единечен билет, а за групни посети 100 ден, додека во киното Синеплекс единечен билет ќе чини 150 ден, а за грпуни посети 100 ден.

11.11.2014 - 13:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа