Кредити за вработување: Поднесени барања за отворање над 200 нови работни места

Над 200 нови работни места се очекува да бидат отворени до крајот на овој месец. Во последната недела од ноември УО на Агенцијата за вработување ќе одлучува по апликациите кои пристигнале на октомвриските огласи за кредитирање за самовработување и вработување во микро и мали претпријатија, пишува Економски.мк.

-Претходните наши искуства од огласите кои досега се објавени говорат дека оваа можност што се дава е препознаена како добра и од страна на младите лице и од повозрасните. Имаме голем број апликации. На пример, на октомврискиот оглас кој беше за оваа намена веќе се примени сите апликации. По мерката самовработување со кредитирање има 132 апликации за 153 нови работни места, а по мерката кредитирање на микро и мали претпријатија има 40 апликации за 60 нови вработувања, вели владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев за порталот Економски.мк.

На октомврискиот оглас за кредитирање за самовработување пристигнале 57 апликации за вработување на 67 лица до 29 години. За самовработување на лица постари од 29 години пак пристигнале 75 апликации за 86 работни места.

На огласот за кредитирање на вработување во микро и мали претпријатија притигнале 15 апликации за 18 нови работни места и 25 апликации за вработување на 39 лица на возраст до 29 години.

Најголем интерес има за кредитите за самовработување

Од Агенцијата за вработување велат дека најголем интерес има за кредитите за самовработување на млади до 29 години. Кај овие кредити рокот на отплата е 7 години со грејс период од 18 месеци.

Кредитобарателот може да добие 7 000 евра и по 4000 евра за секое новоотворено работни место. Се кредитира отворање на најмногу 5 работни места или кредитот максимум може да достигне до 23.000 евра, пишува порталот.

Вработувањето на младите до 29 години е особено интересно и за приватните компании. За нив кредитите можат да достигнат до 12.000 евра или 3000 евра за новоотворено работно место.

Преку програмата за Програмата за самовработување со кредитирање во изминатите шест години регистрирани се 2.747 фирми од кои 2.153 се уште работат, а во нив се вработени 3.290 лица.

Кредитите кои ги нуди државата за отворање нови работни места се најповолни на пазарот. Каматната стапка изнеусва само 1%. Ноемврискиот оглас е отворен од минатата недела. Апликациите можат да се испраќаат до 18 ноември.

11.11.2014 - 16:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега