Три години затвор ако на сметката немаш пари на денот кога треба да платиш

До три години затвор ќе добие потписник на задолжница, ако на денот за наплатата нема пари на сметката. Ова е предвидено со Законот за задолжница, со кој овој инстумент за обезбедување на плаќањата од 1 јануари од доброволен, се трансформира во задолжителен за суми над 300.000 денари, односно 5.000 евра. За неиздавање на задолжница за големите плаќања од тој датум, пак, се предвидени глоби до 5.000 евра.  Ова е моментот кој најмногу ги плаши компаниите еден ипол месец пред стартот на новото решение за задолжницата, но тие имаат и многу други нерасчистени дилеми. Некои од нив, кои повеќе пати во денот имаат плаќања над 5.000 евра, вклучувајќи ги и месечните сметки за струја, се прашуваат дали можеби треба да отворат посебно одделение за пишување обврзници, други пак предлагаат соломонско решение за избегнување на евентуалната казна: плаќањата да се ограничат на 299.999 денари, за да не мора да се изде обврзница. 

- Задолжницата која во 2012 година се воведе како инструмент за осигурување на плаќањата меѓу фирмите ја постигна целта, но не стана масовна. Досега се издадеени 93 задолжници и токму затоа се измени Законот и таа од 1 јануари следната година станува задолжителна за плаќањата над 300.000 денари, рече Јане Севдински од Министерството за финансии на вчерашното советувањето на тема Задолжителноста на задолжницата од 1.1.2015 - дилеми и препораки, во организација на Здружението на правници на Македонија.

Зошто предвидените глоби се еднакви на минималната сума за која мора да се издаде задолжница, дали таа е задолжителна и за авансните плаќања, како ќе постапат инспекторите кога компанија нема да издаде обврзница за 5.000 евра, зашто со дотогаш издадените ќе го достигне законскиот лимит од 30 проценти од прометот што го имала во претходната година, дали инспекторите ќе им пишат казна кога ќе откријат дека немаат задолжница и покрај тоа што Законот не предвидува рок во кој таа треба да се издаде... Ова се само дел од дилемите кои ги поставија претставници на фирмите присутни на советувањето.

12.11.2014 - 11:10

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега