Седумдесет години слободно Скопје

Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември годинава ќе биде одбележан со богата програма под мотото „70 години Скопје слободно чекори напред“.

Централната свеченост ќе се одржи вечер во Македонскиот народен театар каде ќе им биде врачена највисоката градска награда „13 Ноември“ на годинашните добитници. Во нивна чест и по повод празникот на Скопје, ќе биде одржана музичко - сценска  изведба „Скопје слободно чекори напред“ во режија на Наташа Поплавска, во која учествуваат врвни балетски и  оперски уметници и актери од Македонија - припадници на повеќе етнички заедници кои живеат во Скопје. 

Програмата ќе почне со положување цвеќиња  пред Споменикот на ослободителите на град Скопје,  на платото  пред Владата и пред споменикот на генерал Михалјо Апостолски на Градските гробишта во Бутел.

Освен традиционалните настани како крводарителската акција на Црвениот крст, фестивалот „Златно славејче“, финални борби и доделување на Златниот гонг, „Пинг-понг градско првенство на средни училишта на Град Скопје“, Меѓународниот детски ликовен конкурс, манифестацијата Го градиме својот град, ноќна атлетска трка „Низ улиците на Скопје“, Меѓународен шаховски турнир на слепи и лица со оштетен вид, се организирани и голем број манифестации како дел од големото одбележување на овој значаен празник за граѓаните на Скопје.

Програмата за одбележување на Денот на ослободувањето на Скопје содржи над 80  настани, во кои годинава се вклучија и општините во Градот Скопје, основните и средните училишта, детски градинки, културни установи, невладиниот сектор,  спортски федерации и клубови.  

 

На 13 ноември пред 70 години борците од 42-та и 50-та дивизија на Народноослободителната  македонска војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.

По неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.

 

Скопје првпат се спомнува од Клаудиј Диоломеј под античкото име Скупи. Името Скупи (колиба, засолниште, стреа) првпат се јавува кај племето Пеонци. Скупи, исто така, значи и „населба на див народ“, бидејќи Дарданците биле алчни и сурови непријатели на Македонија и античкиот свет.

Според историските податоци, градот е формиран од Дарданците во третиот век пред нашата ера, а подоцна во 164 година пред нашата ера паѓа под власт на Римјаните и станува дел од провинцијата Мезија, дел од областа Дарданија.

Во времето на императорот Октавијан Август, од 13-та до 11-та година пред нашата ера, Скупи од логор на двете Македонски легии - 5-та Македонска и 4-та Скитска легија прераснал во град.

Подоцна во 84-та или 85 година императорот Домицијан основал колонија Флавија Скупи, град со римски самоуправни права кој бил најголем на просторот од Солун на југ до Дунав на север. Во тоа време Скопје доживува голем развој и станува град со свој бискуп.

Градот е разурнат во катастрофалниот земјотрес на 28 април 518 година. По земјотресот Скупи веќе не се спомнува, а скопската котлина добива нов град со името Јустинијана Прима.

По доаѓањето на Словените во шестиот век градот е завземен од племето брсјаци и го добива името Скопје. За време на владеењето на првиот македонски цар Самоил, Скопје станува дел од Самоиловото царство.

Во подоцнешниот период градот потпаѓа под власт на Византија, Бугарија и Србија, а на 19 јануари 1392 градот го зазеле Турците и го добил името Ускуп.

 

Во 1555 година градот повторно е разурнат од катастрофален земјотрес, но набргу е обновен и станува турско воено упориште.

Во 16-от и 17 век Скопје е најголем и најбогат град во европскиот дел на Османлиската империја. На 25 и 26 октомври 1689 година градот го освоил Австро-унгарскиот генерал Силвио Пиколомини, кој подоцна го запалил Скопје поради епидемија на чума и за да не им остави ништо на непријателите. Градот горел цели два дена и бил скоро целосно уништен.

Во 19 век Скопје станува важен сообраќаен центар и во него цвета занаетчиството. На 25 октомври 1912 година по 520-годишно владеење Османлиите го напуштаат Скопје, а веќе наредниот ден влегува Моравската дивизија на српската војска со што градот потпаѓа под српска окупација.

За време на Првата светска војна Скопје се наоѓа под окупација на бугарските и на австро-унгарските сили, а по завршување на војната стана дел од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.

Во Втората светска војна Скопје повторно е окупирано од Бугарија, сојузник на нацистичка Германија. На 22 април 1941 година бугарската Петта армија го окупира Скопје и останува во градот се до капитулацијата на фашистичка Бугарија на 9 септември 1944.

По ослободувањето од фашистичкиот окупатор на 13 ноември 1944 година градот брзо се развива и станува индустриски, културен и административен центар на Социјалистичка Република Македонија, која е во составот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

 

На 26 јули 1963 година во 5 часот и 17 минути Скопје доживува трето разорување од катастрофален земјотрес. Градот е скоро целосно разурнат од земјотресот со јачина од 9 степени според Меркалиевата скала.

Во земјотресот загинаа 1.070 луѓе, а околу 2.900 беа повредени. Над 80 отсто од преживеаното население остана без покрив над глава. Веста за земјотресот што го зафати Скопје брзо се рашири низ целиот свет и помош почна да пристигнува од сите страни.

Првата помош дојде од припадниците на војската на тогашна Југославија, а подоцна пристигнаа експерти и лекарски екипи од голем број земји во светот. Со помош од 87 држави од светот Скопје повторно се изгради и затоа градот го носи епитетот „Град на солидарноста“.

13.11.2014 - 09:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега