Пешевски: Добрата бизнис клима донесе раст на индустриското призводство

 

Растот на индустриското производство во Македонија не е изненадување,  но сепак треба да бидеме внимателни, бидејќи не се работи за некој раст што укажува дека кризата е завршена зашто таа во голема мера ќе зависи од екстерната побарувачка, изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски во одговор на новинарско прашање на одбележувањето на Светскиот ден на акредитацијата и десетгодишнината од постоењето на Институтот за акредитација на Република Македонија.

- Благото покачување на индустриското производство е резултат на големиот број проекти кои помагаат во работењето на фирмите и на работата на самите компании. Таков е и денешниот настан на кој ќе бидат доделени сертификати  за акредитација на преку 20 институции. Овие напори се во насока на подобрување на бизнис климата и овозможување на домашните компании своите производи  и услуги да ги акредитираат во Македонија и понатаму да бидат рамноправно третирани од сите институции во Европа и во светот, изјави Пешевски.

Тој посочи дека Владата прави се што може за да им помогне на домашните компании со што е можно помали трошоци и административни бариери во земјата и во странство да настапуваат во бизнисот, но оти не може да влијае на екстерната побарувачка.

- Кризата се уште не е надмината и сите досегашни проекции до кога ќе трае на еден начин се пролонгираат. Важно е дека во Македонија споредбено со останатите држави  во регионот тенденциите се нешто поповолни и сите меѓународни финансиски институции кажуваат дека релативно добро се справуваме со кризата. Сепак, треба да бидеме внимателни иако очекуваме позитивни трендови, нагласи вицепремиерот Пешевски. 

најчитано сега