Македонка падна со 190.000 евра на Граничниот премин „Блаце"

Царинските службеници од Одделението за оперативни работи вчера во два одвоени случаи на граничниот премин Блаце спречија обид за шверц на 188 илјади евра и шест килограми марихуана.

Во првиот случај, при контрола на патничко моторно возило со скопски регистерски ознаки, пријавено за излез од Република Македонија, кај македонска државјанка со иницијали М.Е. пронајдени се непријавени 190 илјади евра. Непријавените девизи се пронајдени во лична торба што се наоѓала на совозачкото седиште, спакувани во најлонска кеса. Согласно Законот за девизно работење, две илјади евра се вратени на лицето, а останатите 188 илјади привремено се задржани.

Во вториот случај околу 12 часот на пладне, на граничниот премин Блаце за влез во Република Македонија пристигна патничко возило „Опел Астра“ со германски регистарски таблици, управувано од лицето В.Б. (42 ), во кое како сопатник патувало и А.Ф. (28) двајцата државјани на Република Германија. Возилото било селектирано за контрола, а при преглед употребени се и царински кучиња кои индицираа присуство на дрога со гребење на внатрешноста на задните седишта под тапацирот.

При прегледот на возилото, со отстранување на тапацирот од задното седиште, во фабричките шуплини пронајдени се седум паковки и тоа три од левата страна и четири од десната страна на возилото, наполнети со растителна материја со зелена боја и облепени со проѕирна селотејп трака, која што на тестер за наркотици НИК покажа индикации дека се работи за наркотична дрога-марихуана.

Осомничените В.Б. и А.Ф. се лишени од слобода и во текот на денешниот ден ќе бидат предадени во Основниот суд Скопје, а Царинската управа до надлежното Основно јавно обвинителство ќе поднесе кривична пријава за „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

 

 

Оцени ја веста

22.11.2014 - 12:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега