Туристичката понуда на Охрид ќе се презентира пред кинески тур оператори

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески во рамки на работната посета на кинескиот град Шенжен, оствари средба со делегација на регионалните власти, предводена од заменикот-градоначалник на Шенжен, Ву Јихуан која воедно е и шеф на Секторот за образование, култура, спорт и здравствена политика во локалниот Конгрес на провинцијата.

На средбата било разговарано за можностите за воспоставување долгорочна соработка во делот на образованието преку размена на студенти и професорски кадар, можностите за продолжување на постојната соработка меѓу Охрид и Шенжен во областа на културата, како и за потенцијалите за инвестирање во објекти за здравствен туризам на брегот од Охридското Езеро.

Градоначалникот Бакрачески ги запознал домаќините од Кина  со можностите што Владата на Република Македонија и локалната самоуправа на Охрид ги нудат во делот на реализација на странски инвестиции посебно во делот на ИТ-технологиите, лесна незагадувачка индустрија и во делот на градба на луксузни хотелски комплекси.

Охридскиот градоначалник ја искористил посетата на Кина на домаќините да им ја претстави мерката за субвенциите што Република Македонија ги предвидува за тур-операторите кои ќе носат странски гости на повеќедневен туристички престој во Македонија. Договорено било преку Амбасадата на Република Кина заедно со локалната самоуправа да се организира групна презентација на туристичката понуда на Охрид за кинеските тур-оператори и новинари што би се реализирала некаде на почетокот на наредната година. 

 

 

Оцени ја веста

25.11.2014 - 16:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега