Оглас за соработник за контакт со странски здравствени установи

Со цел воспоставување соработка, како и зајакнување и унапредување на постојната соработка со реномирани здравствени установи и еминентни доктори од областа на медицината во светот, Министерството за здравство објави оглас за изразување интерес за ангажирање надворешен соработник на Министерството.
 
Како што соопшти Министерството за здравство, ангажманот на соработникот ќе се состои од воспоставување контакти со реномирани странски болници, како и непосредни контакти со врвни доктори, со цел разгледување на можностите за нивно ангажирање за обука на македонските доктори.
 
На објавениот оглас може да се пријават кандидати кои ги исполнуваат следните услови: стекнато најмалку петгодишно работно искуство како доктор по општа медицина, и одлично познавање на англиски јазик, за кое кандидатот треба да поседува соодветно признание (TOEFL или друга меѓународно призната диплома).
 
Од кандидатот кој ќе биде избран на објавениот оглас, се очекува да покаже исклучителни вештини на комуникација и менаџирање на професионалните контакти, што ќе резултира со склучување меморандуми за соработка со најмалку три здравствени установи месечно, како и воспоставување соработка со најмалку тројца еминентни доктори од земјите-членки на OECD, на месечно ниво. Воедно, ангажманот на надворешниот соработник ќе вклучува посета и престој во странски држави, согласно потребите.
 
Огласот е објавен во дневни весници и на веб-страната на Министерството за здравство (http://zdravstvo.gov.mk/oglas-za-nadvoresen-sorabotnik/), а рокот за пријавување изнесува 10 дена од денот на објавување.

 

 

Оцени ја веста

26.11.2014 - 09:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега