Со стручно и практично образование против невработеноста кај младите

Македонско-германското стопанско здружение во партнерство со фондацијата Конрад Аденауер и занаетчиската комора на Р. Македонија, во соработка со германската амбасада во Македонија, денеска организираа тркалезна маса на тема „Стручното и практичното образование против невработеноста кај младите лица“.

На настанот беше презентиран образовниот систем во Германија, со посебен акцент на стручното и практичното образование во земја каде што економскиот развој е на завидно ниво, како и стручноста на кадрите.

-Со овој систем во кој е вклучено повеќегодишно практично работно искуство во фирми и институции паралелно и посета на образовни установи на идните кадри им се дава можност уште за време на своето 3-гофипно стручно школување да стекнат практично работно искуство, кое нив им овозможува целосна подготовка за настап на пазарот на трудот, а воедно претставува вредност и за компаниите при вработување млади лица кои се веќе остручени, соопшти Мартин Кнап, директор на германска стопанска комора во Македонија.

Развојот на стручното образование и обука во Република Македонија во последно време привлекува се поголемо внимание, како од страна на политиката, така и од пошироката јавност.

-Значењето на овој дел од системот на образование е големо, посебно неговите реформи и унапредување претставуваат фактор за справување со еден од поголемите предизвици на пазарот на труд, а тоа е секако недостигот на квалификуван кадар со потребни практични вештини и компетенции. Спроведувањето на практичната обука на ученици од средните стручни училишта кај работодавачите е дефинирана со одредени законски документи, но за жал се уште не се имплементира во потребниот обем, изјави Оливија Тасиќ Штеријова, директор на занаетчиска комора на Република Македонија.

За веќе постоечки практики на компании во Република Македонија се обрати и Велимир Петровски од компанијата Кнауф Радика, која има повеќегодишно искуство со воведување иницирање на паралелка во градежното училиште за обучување на кадар кој ќе работи со кнауф.

На настанот присуствуваше и се обрати заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Приказ на практичното едуцирање на кадар во Германија даде Барбара Гербер, раководител на сектор за практична едукација од фирмата Дрекселмаер.

 

 

Оцени ја веста

27.11.2014 - 12:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега