Континуиран раст на индустријата- силен импулс за економијата!

Индустријата стои на здрави нозе. Индустриското производство континуирано расте 14 месеци по ред, од септември минатата година. Според последните податоци од Државниот завод за статистика, индустријата во октомври, во споредба со истиот период од минатата година пораснала за 7,5%. Од почетокот на годинава, за десет месеци, растот на индустриското производство изнесува 5,1%, пишува Лидер.

За позитивните резултати најмногу придонела преработувачката индустрија со раст од 7,9%. Секторот снабдување со струја, гас, пареа и климатизација забележал зголемување од 21,3%, додека пад има во рударството од 4,2%.

Според главните индустриски групи, производството пораснало кај енергијата за 16,9%, капиталните производи за 49% и кај нетрајните производи за широка потрошувачка за 2,7%. Опаѓање имало кај трајни производи за широка потрошувачка за 19,6%.

Истовремено, и странските инвестиции го билдаат индустриското производство. Податоците покажуваат дека поради странските инвестиции во автомобилскиот сектор, во последниве неколку месеци најголем е растот во производството на моторни возила, приколки и полуприколки. Во овој дел производството порасна за 655% повеќе отколку истиот месец лани.

Голем раст исто така се забележува и кај тутунските производи, за 241%, додека производството на метали бележи пораст од 7,5%.  Пораст има и во производството на металните производи од 64,7%, во однос на истиот месец лани.

Најголем пад е регистриран кај производството на пијалаци, од 37,5% и кај хемиските производи од 24,3%. Значителен пад има во производството на текстил од 9,5%.

Нарачките за странство обезбедени

Бизнисмените велат дека не недостасуваат порачки од странство, а тоа влева дополнителна сигурност кај компаниите.

-Извозот е зголемен, најголемиот дел од трговската размена е со земјите од ЕУ. Нарачките се обезбедени, нема откажувања ниту некои посериозни најави за некоја криза во наредниот период што е добро и што влева одредена сигурност кај компаниите во Република Македонија, вели претседателката на ССК, Данела Арсовска.

Домашната економија е во постојан раст и според проекциите за оваа и за следната година, имаме еден очекуван раст којшто е поттикнат од зголемениот број на домашни и странски инвестиции во Македонија. Растот на индустриското производство е само уште еден силен импулс за македонската економија, сметаат експертите.

Годинава, најголем скок на индустриското производство беше забележан во мај, за 9,7% и во септември, за 9,1%, во споредба со истиот месец лани.

Индустриското производство забележува континуиран раст од почетокот на годинава. Тргна со раст од 6,4% во јануари, продолжи со растечкиот тренд и во февруари од 4,1%. Во март порасна само за 0,6%, а во април забележа раст од 2,2%. Растот во јуни изнесуваше  4,9%, во јули 5,9% и во август 1,3%  повеќе во споредба со истиот месец од 2013-та година.

Македонија меѓу водечките земји во Европа според растот на индустриското производство

Македонија е втора во Европа по остварениот годишен раст на индустриското производство, подобри бројки има само Ирска. Таму растот во септември изнесуваше 22,1%, а во Македонија 9,1%.

Од земјите во регионот, Црна Гора во септември оствари раст на индустријата од 7,6% и тоа за прв пат после февруари. Во БиХ растот изнесува 1,7%, додека пак Србија е во длабок минус од 16%.

Во минус е индустријата и на балканските земји членки на ЕУ. Бугарија бележи пад од 0,4%, Грција 3,6%. Хрватска за прв пат во септември забележа индустриски раст од 3,8%

Европската комисија само Ирска годината ќе ја заврши со поголем раст од Македонија. БДП во Ирска ќе порасне за 4,6%, додека македонскиот за 3,3%.

 

 

Оцени ја веста

28.11.2014 - 11:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега