Компаниите од слободните економски зони работат со полна пареа - извозот надмина милијарда евра

Компаниите од слободните економски зони работат под полна пареа. Се редат нарачките од странските пазари, се зголемуваат и производството и испораките кон надвор. Заклучно со ноември, извозот од зоните веќе надмина милијарда евра, пишува Лидер.

-Тоа значи дека сме на добар пат и дека веќе се остварува она што го проектиравме во минатата година, дека годинава ќе имаме зголемување од 50% на извозот од слободните економски зони, споредено со лани. Она што е најважно, во моментов сме во финални преговори и со неколку други компании. Дел од нив ќе се лоцираат во Скопје, дел во другите слободни економски зони, и тоа во оние каде што досега сме немале инвеститор, открива директорот на слободните економски зони, Виктор Мизо.

Во очекување на новите податоци од Државниот завод за статистика за надворешно – трговската размена до октомври, кои неделава треба да бидат комплетирани, ќе го анализираме периодот јануари – септември, односно трите квартали од годинава. Извозот се зголемил за 20 проценти во однос на истиот период лани, со што и размената станала поизбалансирана, па покриеноста на увозот со извоз сега е повисока за 4 проценти и надмина 68 насто. Најизвезувани производи се токму оние на компаниите од слободните зони: катализаторите на носачи со благородни метали и нивните соединенија (со нив работи Џонсон Мети, најголемиот извозник од земјава), тука се и сетовите на проводници за возила, авиони, бродови, на кои работат другите компании од ТИРЗ.

Од податоците на Статистика може да се види дека секторот „Хемиски и сродни соединенија“, заклучно со третиот квартал, забележал раст од 29,7 проценти во однос на лани, додека производството на машини и транспортни уреди бележи позитива од цели 95,2 проценти.

Компаниите ги прошируваат капацитетите

Добрите резултати од работењето се главната причина зошто дел од странските компании се решија повторно да инвестираат во Македонија. На пример, вкупната инвестиција на Џонсон Мети веќе достигна 130 милиони евра, откако компанијата ги прошири своите капацитети со нови погони.

-Ние имаме успешна приказна, што беше и причината повторно да инвестираме. Ако немате успешен бизнис нема повторно да инвестирате. Нашиот бизнис модел се покажа како успешен, а мислам дека тоа може да го направат и другите компании, вели првиот човек на британскиот гигант, Џатин Такрар.

Како резултат на зголемениот обем на работа, Џонсон Мети дополнително ќе го зголеми бројот на вработени.

-Во моментов, во нашата компанија работат 570 луѓе. Од нив, 565 луѓе се од Македонија. Во 2012-та донесовме одлука да се прошириме од нашата првична инвестиција и двојно ги зголемивме нашите капацитети, со што регрутиравме и нови работници. Се надеваме дека бројот на вработени до 2016-та ќе достигне 680 луѓе, вели Такрар.

Во моментов, уште една компанија ги проширува капацитетите. Витек Македонија, италијанската компанија која е дел од Текнохозе групацијата, инвестира во изградба на нови погони, кои за три до четири пати ќе го зголемат и производството и бројот на вработени. Изградбата на халата е при крај, машините и опремата пристигнуваат месецов, а со работа се почнува по Нова година.

-Со ова, вкупната инвестиција ќе достигне 15 милиони евра, а планиран е и нов објект за други видови производи. За новата инвестиција се уште се прават анализите. Задоволни сме, бидејќи сè функционира како што треба, од властите имаме поддршка на дневна основа и немаме поголеми проблеми во работењето, вели менаџерот на Витек, Џовани Поповиќ.
Зголемени нарачки очекува и американската „Кемет Електроникс“, која во главно се потпира на европскиот пазар. Ако сè биде како што треба во Европа и ако не се случат нови екстерни шокови, тогаш и оваа компанија ќе го зголеми бројот на вработени.

-Во овој момент нашата инвестиција изнесува 25 милиони долари, а во следната година ќе достигне вкупно 30 милиони. Вкупниот број на вработени изнесува 280 луѓе, а до крајот на наредната година ќе достигне 350. Нормално, тоа зависи од условите на пазарот, објаснува директорот Гуидо Галени.

Под полна пареа работи и белгиската „Ван Хул“ за производство на автобуси, на која инвестицијата во Македонија и е прва надвор од матичната земја. Од погоните на оваа фабрика во ТИРЗ се испорачуваат финални и брендирани производи, со закружен производствен процес, што подразбира и висока додадена вредност. Освен ова, „Ван Хул“ е еден од странските инвеститори кои активно соработува со локални фирми.

-Деловите за шасиите ги набавуваме од Македонија, од Штип. Втората линија производи, полиестер и фиберглас делови набавуваме од Струга. Ние сакаме да ги зголемиме локалните набавки, вели сопственикот на компанијата, Филип ван Хул.

Расте извозот, расте и бројот на вработени!

Веќе е извезно дека постојните инвеститори во слободните економски зони ќе го зголемат бројот на вработени во 2015-та година. ТИРЗ годинава ќе ја заокружат со над 3.500 вработени, но очекувањата се големи, особено по влезот на Веибо во Ранковце.

-Постојните компании ќе вработат уште 1.000 луѓе во 2015-та година. Во 2015-та и 2016-та година, вклучувајќи ја и инвестицијата на компанијата Веибо, се очекува драстично зголемување на бројот на вработени во зоните. Таа бројка треба да изнесува меѓу 7.000 и 8.000 луѓе, а може и повеќе, вели Мизо.

Ву Бунарџик наскоро ќе се позиционира уште една италијанска компанија. „Дијатек“ веќе гради спроти погоните на „Витек Македонија“, а 10-милионската инвестицијата од оваа компанија, специјализирана за дигитално печатење, треба да отвори уште 200 работни места.

За најавените инвестиции во другите градови, „КСС“ во Кичево и „ОДВ Електрик“ во Охрид почнуваат со тренинг на работниците и со изградба на своите нови капацитети во зоните, додека „Техникал Текстил“ во Штип веќе активно гради. Теренот е подготвен и за Веибо. Мултинационалната компанија треба да ја претвори зоната во Ранковце во текстилен центар на земјава. Планирана е изградба на интегрирана зона, која опфаќа изградба на погони за производство на палта, костуми, панталони и кошули, текстилни материјали, картонски кутии за пакување на готовите производи. Инвестицијата, која се проценува на 400 милиони долари треба комплетно да го промени ликот на северо-истокот од земјава, бидејќи планирани се околу 6.000 вработувања.

 

 

Оцени ја веста

02.12.2014 - 09:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега