Во следните 2 години цената на струјата нема да се зголеми

Според Кочо Анѓушев, претседател на Македонската енергетска асоцијација (МЕА), тоа се должи на предвидувањата на релевантните берзи за струја, каде што состојбата е стабилна и се очекува така да биде и во следните две години   Македонија останува енергетски зависна држава и во следните 4 години. Но, олеснителна околност е што за граѓаните нема да стравуваат од нова цена на струјата, бидејќи предвидувањата за нејзината цена и во следните две години и тоа 2015 и 2016 година, според релевантните берзи за струја ќе биде стабилна и на исто ниво како и годинава.  Ова го нагласи Кочо Анѓушев, претседател на Македонската енергетска асоцијација (МЕА), по седницата што се одржа во Стопанската комора на Македонија на која се разгледа Предлог-енергетскиот биланс на Република Македонија за периодот од 2015 до 2019 година.  Анѓушев посочи дека во 2014 година Македонија потрошила вкупно енергија како и во 2013 г., но по структурата на различните типови на енергија, различна е потрошувачката. Според билансот покачување има кај лигнитот и јагленот од 9,4%, природен гас 6,4%, геотермална енергија 6,2%, огревно дрво 1,4%, а има намалување или помала потрошувачка од 11,4%, кокс 7,6% и сурова нафта и нафтени деривати од 0,8%.

Заклучоците на членките на МЕА 

Но, како што укажува Анѓушев, членките на МЕА заклучиле дека треба да се направи анализа на што се должи намалувањето на потрошувачката на струја, во услови кога има зголемување на производството.  - Се намалува потрошувачката во домаќинствата каде струјата се заменува со огревно дрво или природен гас, а во делот на типот на индустријата, намалувањето е кај металуршките комбинати коишто обемот на активноста ја имаат намалено. Таа е заменета со типови индустрија кои се помали потрошувачи - смета Анѓушев и додава дека треба да се земе предвид и топлата клима, што исто така ја намали потрошувачката на струја за загревање.  Што се однесува на домашната компонента, таа постепено се намалува, доколку се спореди со 2011 и 2012 година, но во однос на лани тоа е зголемено и тоа за околу 8%. Увозната струја во просек е околу 30% од вкупните потреби во земјава.   - Во 2011 година се увезувало 2,6 терават-часови од потрошени 9,01, во 2012 година се увезени 2,4 од потрошени 8,8 терават-часови, во 2013 г. увезени се 2,4 од потрошени 8,1 и во 2014 година увезени се 2,4 од потрошени 8,06 терават-часови струја - објасни Анѓушев.  Во моментов во земјава нема преработка на сурова нафта, односно Македонија е 100% увознозависна од нафта и нафтени деривати. Има покачување на потрошувачката на дизел-горивото, а за потрошувачката на гас, препораката на МЕА е тоа да се користи повеќе кај домаќинствата.

Прогнозите на МЕА за следните 4 години се дека потрошувачката кај сите енергенси ќе се зголемува, за околу 2,5% на годишно ниво, како и производството на струја од гасната електрана Те-То, но тоа ќе зависи од економските прилики и цената на струјата, гасот и топлинската енергија. За прашањето за лигнит и јаглен е утврдено дека капацитетот на рудниците е во поодмината фаза на искористување, при што е можно овие енергенси да почнат да се увезуваат за да се продолжи животниот векот на термоелектраните. Ќе се зголеми и потрошувачката на гас.  Што се однесува за вкупните бројки на енергетскиот биланс опфатени се сите предвидувања за потребата од енергенси на македонската индустрија, како што е електрична енергија, нафта и нафтени деривати, геотермална енергија, природен гас, огревно дрво, лигнит и јаглен. За 2015 година се планира потрошувачка од 8,59 терават-часови, а во 2016 година 8,81 и во 2017 година од 8,89 терават-часови.  - 100% сме зависни за гас, нафта, а во споредба со другите земји увозно зависни се и Хрватска, Грција, Црна Гора, Албанија и Косово, а додека извозници се Бугарија, Романија и БиХ, а Србија е избалансирана во производството и во потрошувачката - објасни Анѓушев.

 

Вкупната финална потрошувачка е 74.759 тераџули во 2014 година, а за 2015 година 79.408 тераџули од сите типови енергенси.  На седницата енергетските компании и претставниците на поголемите индустриски капацитети ќе можат да ги изнесат своите потреби за енергија и евентуалните забелешки на предвидените количини во Предлог-енергетскиот биланс.  Претходно енергетскиот биланс се правеше на годишно ниво, но со последните измени на Законот за енергетика предвидено е да се прави на среднорочно ниво.  

 

 

Оцени ја веста

02.12.2014 - 13:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега