Уживајте во добар анимиран филм - стартува „Анимакс Скопје Фест“

Вкупно 52 филмови од 17 земји ќе бидат прикажани во официјалната програма на 4. издание на Меѓународниот фестивал на анимираниот филм „Анимакс Скопје Фест“, што од денеска до 6 декември ќе се одржи во Скопје.

На, фестивалот, кој годинава ќе се одвива под мотото „Ако сите светат, ти блескај“, ќе бидат прикажани најдобрите и најнови филмови од светот на анимацијата, со оглед дека поголем дел од нив се носители на престижни награди и победници на реномирани фестивали во светот. Селекцијата на фестивалот е извршена од досега рекордни 326 пристигнати анимации од разни делови од светот.

Годинава за главните награди-златна, сребрена и бронзена тула, ќе одлучува четиричлено жири во кое ќе има двајца застапници од Македонија - Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на Кинотека на Македонија и Диме Ратајкоски, главен и одговорен уредник на МРТ, како и гостите Андреј Рубетској светски афирмиран аниматор од Русија и Дорис Бауер коосновач на Автсрискиот филмски фестивалски форум.

Секоја вечер ќе бидат прикажани по 15-16 филмови или околу 100-тина минути фестивалска програма. Фестивалот се отвора со филмот „The Wait Of May“ (Чекајќи го мај) на бардот на италијанската анимација Симоне Маси, кој е наградуван и автор на постерот за овогодишното издание на Venice Film Fest. На првата вечер на фестивалот ќе се претстави и македонскиот аниматор Иван Ивановски со филмот „Конзо“.

Втората вечер ќе ја отвори францускиот „Kiki of Montparnasse“ (Кики од Монтпарнас ), а третата италијанскиот „Beauty“ (Убавина)“, а дел од програмата ќе биде и „Man On The Chair“ (Човек на столчето), овогодишен победник на Интернационалниот фестивал за анимиран филм „Annecy“ во Франција“. 

Традиционално, членовите на жирито од странство и оваа година ќе се претстават со работилници. Австријката Бауер, ќе одржи работилница на 5. декември, во Кинотека на Македонија со почеток во 12 часот, на која ќе говори на тема „Филмските фестивали – поттик и потреба“. Во сабота, пак, гостинот од Русија, Рубетској, кој е режисер на познатиот цртан филм „Белка и Стрелка“, (Space Dog Family) ќе одржи работилница за деца на возраст од 8 до 12 години, под наслов „Трикови на анимирање“. Работилницата ќе се одржи во 13 часот во Кинотека на Македонија. 

Официјалната програма во трите фестивалски денови ќе почнува во 20 часот, а билетите ќе чинат 50 денари и ќе може да се набават на влезот на Кинотека на Македонија. 

„Анимакс Скопје Фест“ е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со здружението на граѓани Креативен центар Тинтири-Минтири од Скопје, со поддршка од Министерството за култура и Град Скопје, а во соработка со Кинотека на Македонија. 

 

 

Оцени ја веста

04.12.2014 - 09:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега