Откупот на дворните места носи придобивки за граѓаните

Тече рокот за поднесување барање за откуп на дворните места за едно евро за квадратен метар. Голем дел од граѓаните ја искористија шансата што им ја овозможи државата. Од стартувањето на проектот досега се поднесени над 250 илјади барања, од кои годинава над 13 илјади. Од почетокот на процесот веќе се решени три четвртини од барањата за откуп, што значи дека станува збор за успешен проект, пишува Лидер.

Остануваат уште три дена до крајниот рок за приватизација на дворното место. Оние кои навремено не ја искористија можноста, ја користат последната шанса да си го купат дворното место. Шалтерите на подрачните одделенија на Министерството за финансии работат под полна пареа.

-Интересот е голем. Имаме над илјада барања дневно. Апелирам граѓаните да ги искористат овие последни неколку дена да го откупат своето дворно место по цена од едно евро за метар квадратен. Управата за имотно- правни работи е подготвена да ги прими барањата од граѓаните и ќе работи до 19 часот секој ден, изјави вчера вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните кои досега не поднеле барање, шалтерите за прием на барањата ќе работат со продолжено работно време, дури и во недела.

Барањата за откуп се поднесуваат во подрачните одделенија на Управата за имотно- правни работи во општините. Граѓаните на шалтер треба да се достават фотокопија од лична карта, доказ за корисничко право над земјиштето и имотен лист.

Досега неколку пати се пролонгираше рокот за откупот на дворните места, со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните, кои поради различни причини не успеале навреме да поднесат барање.

Оние, пак, кои нема да го приватизираат земјиштето до 15 декември ќе треба да и плаќаат закупнина на државата.

Многу придобивки за граѓаните

Едно евро или 61 денар за метар квадратен е многу поволна можност за откуп на дворното земјиште на индивидуалните куќи и станбени згради, ако се земе предвид дека претходно за еден метар квадратен дворно земјиште се плаќаше до 13 евра или 800 денари.

Оваа мерка на Владата овозможува еднаш засекогаш граѓаните да ја обезбедат сопственоста на дворното земјиште за себе, но и за своите поколенија. Придобивките се големи со стекнувањето сопственост на земјиштето. Истото им овозможува на граѓаните да го стават во функција при земање кредит во банка, при продажба, приизградба и доградба на куќи и други индивидуални станбени згради, доградба на станбени згради и слично.

На овој начин, според Министерството за финансии, секој граѓанин ќе може конечно да почувствува придобивка од транзицијата, ќе се интензивираат активностите воградежништвото, и конечно ќе се заокружи историскиот процес на приватизација на земјиштето.

 

 

Оцени ја веста

12.12.2014 - 09:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега