Евростат: Расте куповната моќ на Македонците

Постојат големи разлики во животниот стандард на граѓаните меѓу земјите-членки на ЕУ. Но, уште поголема е разликата ако споредбата се прави со балканските држави кои истовремено претендираат да станат дел од европското семејство.  Статистиката вели дека бруто-домашниот производ (БДП) по глава жител изразен во куповна моќ во 2013 година во Македонија бил 36 отсто од просекот на 28-те земји-членки на Европската унија. Доколку се споредат бројките со 2012 и 2011 година има подобрување бидејќи тогаш куповната моќ во земјава споредена со земјите од ЕУ била 34%, во 2009 година 35%, додека во 2008 година 32,5%.  Најкризна за потрошувачката била 2008 година кога светската економска криза најмногу се почувствувала во земјава и оставила белег на куповната моќ на македонските граѓани. Како што информираат од Евростат меѓу земјите-кандидати и потенцијалните кандидати за членство поголем БДП од Македонија имаат Турција со 53 проценти, Црна Гора со 40 отсто и Србија со 37 отсто, а помала куповна моќ имаат БиХ со 29 и Албанија со 28 проценти од европскиот просек.

Од овој регион најдобро позиционирана е Словенија со 82%од европскиот просек и Хрватска со 61 отсто.Европските статистичари подготвиле слична анализа, каде предмет е реалната индивидуална потрошувачка во земјите во Европа.  Во тој дел Македонија котира подобро, бидејќи стапката е повисока и изнесува 40% од БДП. Во соседна Србија оваа потрошувачка има стапка од 46% од БДП, во Црна Гора 51%, а во Босна и Херцеговина 40% и во Албанија 33%.  Доколку се споредат бројките со европскиот просек и кај индивидуалната потрошувачка со претходните години може да се согледа дека во земјава во тој сегмент има стабилност. Во 2012 година стапката на реалната куповна моќ достигнала 39%, а во 2001година 38%. Во 2008 година како најкризна достигнала 34 отсто од европскиот просек.

 

 

Од Евростат согледале дека доколку се споредат процентите од лани со оние 2012 година во развиените европски држави има благ пад или стагнација на индивидуалната потрошувачка. Спротивно во посиромашните држави и оние со забрзан развој се регистрира благ пораст. Токму Македонија се вклучува во овие земји, но секако и бројките го потврдуваат тоа.  Луксембург е со најголема стапка на раст и најголема куповна моќ во Европа. БДП на Луксембург е 257 отсто од европскиот просек на 28 земји-членки на ЕУ. Спротивно на Луксембург е Бугарија со БДП кој обезбедува куповна моќ од 45% од европскиот просек, а онаа што во анализите е земена како реална има стапка од 50%.  Втора држава во Европа според ланската потрошувачката е Германија со 122% над европскиот просек. Се регистрира мал пад на процентот, бидејќи Германците во 2012 година купувале малку повеќе.  Солидна потрошувачка се забележува и во Норвешка, Швајцарија, Ирска, Холандија, Австрија... Португалија и Летонија се двете држави каде најмногу се подобрил стандардот. Нивните граѓани во 2013 година најмногу се опуштиле и решиле да трошат. Летонците стапката ја зголемиле од 60 во 2012 година на 64% лани, а Португалците од 76 на 79% од европскиот просек.  Но доколку се спореди европскиот просек со моќни светски економии, покажува дека куповна моќ во САД е 152,4, а во Јапонија 110,9 отсто од европскиот просек. 

 

 

Оцени ја веста

12.12.2014 - 23:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега