Тетово: Реџепи пукал во полициските Тигри и побегнал

Тетовецот Јетон Реџепи викан Лапи (34) успешно избегнал заседа на полициските „тигри“ пукајќи кон полицајците, завчера во Тетово, информира МВР. Реџепи, кој е опасен криминалец, осуден за убиство, избегал од затворот во Штип во декември 2012 година од кога е во бегство. Тој бил лоциран од полицијата и лани во октомври во близината на Тетово, но и тогаш по престрелката со полицајците успеал да избега.

redz

Од МВР кусо соопштуваат дека инцидентот се случил во неделата околу 3 часот на улицата Благоја Тоска во Тетово. Полицијата добила информации каде се крие бегалецот, па ги ангажирала припадниците на Единицата за специјални задачи. Тие требало да го уапсат Реџепи кој се барал со потерница за издржување казна затвор и да го спроведат во затворот во Штип, пишува Дневник. 

Осуденикот успеал да ги забележи специјалците и со пиштол испукал два куршума кон нив по што избегал во непознат правец. Од МВР информираат дека увид извршила увидна екипа на СВР - Тетово, при што е утврдено дека куршумите искршиле прозорски стакла на зграда, на чија фасада исто така има оштетувања од пукањето. Форензичарите пронашле и два патрона со калибар 7,62 милиметри, кои се предадени за вештачење. Од МВР нема други детали за полициската акција.

Реџепи, кој е од тетовско Ларце, со уште две лица беше осуден во отсуство на 12 години затвор за грабнувањето и убиството на тетовецот Фатмир Лика(31) во 2002 година. Реџепи и другите двајца убијци на 31 декември 2002 година околу 13.30 часот го киднапирале Лика пред вториот влез на градскиот зелен пазар во Тетово. По грабнувањето киднаперите истата вечер околу 22 часот по телефон се јавиле во полициската станица во селото Групчин и на дежурниот полицаец му пријавиле дека грабнатиот бил убиен. Тие рекле дека неговото тело било оставено во местото Kлисура, на стариот пат Групчин - село Желино. Полицијата веднаш се упатила на посоченото место и била пребарана пошироката околина, но не го пронашла мртвото тело на грабнатиот. Полицијата наредното утро повторно го пребарала теренот и го пронашла Лика, кој бил изрешетан со седум куршуми, од кои неколку биле истрелани во неговата глава. Тогаш од МВР рекоа дека убиениот и неговите егзекутори подолго време се занимавале со криминал, главно со шверц на дрога. Лика наводно имал намера целосно да прекине со своите криминални активности, оти неколку месеци водел мирен семеен живот, што не им се допаднало на неговите пријатели, па одлучиле да го убијат. 

Реџепи по убиството избега од земјата, по што против него беше распишана меѓународна потерница, но подоцна бил уапсен. Додека бил на издржување на затворската казна во Основниот суд во Тетово бил осуден на пет и пол години затвор за три тешки и една разбојничка кражба, како и за одземање моторно возило во Тетовско во 2000 година. При грабеж на една куќа во Мала Речица сопственикот ги забележал Реџепи и неговиот партнер, по што пукале во него, но не го погодиле. Реџепи бил пријавуван и за недозволена трговија со дрога и цигари, за нелегално поседување оружје и за нанесување тешки телесни повреди.

Реџепи ~ избега на полицијата и на 19 октомври лани кога му била поставена заседа на регионалниот пат Групчин - Мерово. Убиецот се возел во автомобил „голф“ што го управувал неговиот брат М.Р.(24), кога ги забележал полицајците. Тој веднаш излегол од автомобилот и со пиштол испукал неколку куршуми кон полицајците. Тие му наредиле да го фрли оружјето, но тој продолжил да пука. Полицајците во знак на предупредување испукале неколку куршуми во воздух, но тој избегал во блиската шума. Неговиот брат бил уапсен, а во потрагата биле ангажирани „тигрите“ и хеликоптери, но Реџепи успеал да се скрие. Реџепи по неколку години поминати во „Идризово“ бил префрлен на доиздржување на казната во затворот во Штип. Во декември 2012 година добил домашно отсуство, но не се вратил во затворот. Му останувале да издржи уште шест години од казната.

 

 

Оцени ја веста

14.12.2014 - 22:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега