Во Ријад претставени одличните услови за инвестирање во Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски денеска заедно со владината делегација во чиј состав е и потпретседателот на Владата на Република Македонија Зоран Ставрески, министерот за надворешни работи Никола Поповски, министерот задолжен за привлекување на странски инвестиции Висар Фида и заменик министерот за економија Христијан Делев присуствуваа на бизнис форумот кој се одржа во главниот град на Саудиска Арабија Ријад на кој беа презентирани можностите за инвестирање во Република Македонија.

Бизнис форумот се одржа во соработка со Индустриската комора на Ријад која ги здружува најголемите корпорации од Саудиска Арабија.            

Премиерот Груевски истакна дека Владата е реформски ориентирана и особено пријателски насочена кон развој на бизнисот и инвестициските активности, континуирано спроведувајќи реформи за унапредување на бизнис климата.

-Продолжуваме со континуирано подобрување на бизнис климата. Светската банка ги следи сите земји во светот. Ја следи бизнис климата во сите земји. Еднаш годишно поднесуваат извештај наречен „Дуинг бизнис“, во кој ги рангираат земјите според добрата бизнис климата. Македонија е на 30 место во светот според Светската банка. Подобро е рангирана од повеќе од половина земји членки на ЕУ, поточно 16 земји членки на ЕУ. Подобро е рангирана од сите земји во источна Европа и од сите земји во нашиот регион, југоисточна Европа. Кога станува збор за добра бизнис клима, Македонија е пример за тоа, рече Груевски на Форумот.

Во поглед на даноците Македонија спаѓа во земјите кои имаат најниски трошоци за правење на бизнис. Премиерот Груевски истакна дека воведени се најниски даноци, рамен и низок данок, персоналниот данок и данокот на добивка е 10%, а компаниите кои го реинвестираат профитот имаат 0%, а истовремено намален е ДДВ-то за повеќе сектори од 18% на 5%.

Истовремено, премиерот Груевски посочи дека се вложува и во образовниот систем.

-Англискиот јазик се учи од 1 одделение, а втор светски јазик од 6-то одделение. Воведовме задолжително и бесплатно средно образование. Отворивме нови државни универзитети и дисперзирани студии во повеќе градови, школарината е 200 евра. Се преведоа учебници од кои се учи на првите 10 универзитети во светот. Отворивме лаборатории за универзитетите кои ги користи и бизнисот. Секој ученик доби компјутер, изјави премиерот Груевски.

Премиерот Груевски ги истакна и поволностите кои се нудат во технолошките индустриски развојни зони.  Тој посочи дека секој кој ќе инвестира во зоните во првите 10 години не плаќа ниту данок на добивка, ниту персонален данок. За увезените суровини, машини и опрема не се плаќа ниту царина, ниту ДДВ. Земјиштето се дава на закуп по поволна цена. Зоните ја имаат целата потребна инфраструктура.

Потпретседателот на Владата Зоран Ставрески посочи дека за позитивното искуство од добрата бизнис клима може да посведочат големите компании кои веќе се присутни на македонскиот пазар и кои веќе работат и инвестираат. Во Македонија се присутни компании од Англија, Сад, Белгија, Германија, Русија. Тие се задоволни од третманот и од односот на владините институции, што се вклопува во целиот амбиент на добра бизнис клима на кој работи Владата посочи потпретседателот Ставрески.

Министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции Висар Фида ги истакна предностите кои ги даваат на потенцијалните инвеститори договорите за слободна трговија кои Македонија ги има вклучено. Тој посочи дека Македонија има договор за слободна трговија со сите земји во Европа (без Русија) и на тој начин се надминува хендикепот на мал пазар, и сега постои можност за отворен пазар од 650 милиони потрошувачи.

Менсур Шафи Ал Ајми од Индустриската комора на Ријад Саудиска Арабија  изјави дека кога се работи за бизнис климата и можностите за соработка како индустриска комора постои интерес за зајакнување на партнерството и бизнис врските помеѓу Саудиска Арабија и Република Македонија.

 

-Сакаме да го зајакнеме партнерството меѓу Кралството Саудиска Арабија  и Македонија. Трговијата е најцврста поврзаност меѓу две нациии. Ако има слободни зони, слободни даноци, тоа придонесува за трговија меѓу Кралството Саудиска Арабија и Република Македонија, рече тој.

 

 

Оцени ја веста

15.12.2014 - 19:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега