Кумановчани се запознаа со можностите за вработување

 

Во организација на  Агенцијата за вработување на Македонија денеска во Куманово се одржа Саем за вработување на кој 52 компании од различни дејности од оваа и од соседните општини укажаа каков профил на работници им е потребен и колку и какви слободни работни места имаат.
 
Се надевам дека денешниот ден ќе донесе доста вработувања, ќе донесе позитивни одговори на барањата за работа, а воедно и позитивни одговори од компаниите дека нашле соодветен кадар и оти во иднина ќе имаме повеќе вработувања во Куманово, рече Поповски.
 
Тој посочи дека во наредниот период Агенцијата ќе продолжи  со активностите за приближување на пазарот на трудот до невработените и до работодавачите.
  
- И младите лица кои во иднина треба да одберат професија ќе бидат навремено информирани за да се насочат кон вештините и образованието кое што е барано на пазарот на трудот, рече Попоски.
 
Тој информира дека според досегашната евиденција која се однесува на првите три одржани саеми на вработување вработени се околу 150 лица.
 
 
На првите три манифестации кај  работодавачите, информира Поповски, биле доставени 9.300 резимеа, 2.150 биле позитивно оценети од страна на работодавачите, а биле оддржани и 400 интервјуа. 
 
На ниво на Македонија има 124.000 активни баратели на работа. Директорот на Агенцијата за вработување нагласи дека постепено се намалува бројката на невработените кои се евидентираат како пасивни баратели на работа. „Агенцијата работи само со оние кои активно бараат работа, рече тој.
 
Во наредниот период, додае дека АВРМ ќе бара детални информации од активните баратели на работа, за да се обезбеди конкретен тип на кадар баран од работодавачите.
 
Многу од невработените не ги кажуваат сите детали, не доставуваат сертификати, историја на она што го работеле. Едноставно кажуваат дека имаат средно образование. Нам ни е битна  секоја поединост, некогаш имаме образовен профил, некогаш  немаме, ама имеме искуствен  профил што е мошне значајно кај работодавачите, вели Поповски.
 
Во врска со најавената инвестиција на компанија „Веибо Груп“ во општина Ранковце, Поповски појасни дека според она што е објавено од фабриката треба да вработи 8.000 лица.
 
- Во наредниот период јас ќе бидам во директен конаткт со нив заедно со раководителите од центрите од овој регион. Се надевам дека за кратко време ќе почнат големите вработувања во компанијата. Нормално, претходно следи изградба на фабриката, изградба на комплексот, а потоа се очекуваат и вработувањата, истакна Поповски.
 
Нагласи дека ќе се бараат различни кадри, како текстилни  и градежни работници, но и друг кадар неопходен за изградба на голема фабрика.
 
Поповски појасни дека од година во година искористеноста на мерките за вработување е се поинтензивна и дека Агенцијата постојано бара нови средства од државата и од ЕУ за да им се излезе во пресрет на што е можно поглема бројка на невработени и компании.
 
- Програмите кои се за невработени се многу успешни. Самовработувањето, практиканство, обуката кај познат работодавач, другите обуки, едукации, субвенционираното вработување... даваат дополнителен стимул. Од една страна им помагаме на работодавачите од друга страна помагаме на вработените, вели Поповски.
 
Раководителот на Центарот за вработување Куманово Милорад Тренчевски информираше дека на ниво на општина Куманово има вкупно 19.500 невработени лица од кои активно работа бараат 10.300, останатите се евидентирани како пасивни баратели на работа.
 
- Заклучно со 15-ти овој месец во Куманово има 4.700 слободни работни места, рече Тренчевски. 
 
Денеска на саемот работа побараа невработени со различно искуство, степен на образование и стручност. Барателите на работа сметаат дека оваа е одлична можност да остварат непосреден контакт со работодавачите и да се информираат за најбараните кадри во моментов.
 
Во рамки на Саемот за вработување во центарот за вработување ќе се оддржи „Форум со работодавачи“ на кој ќе присуствуваат работодавачите кои детално ќе се презентираат мерките за вработување, а и работодавачите ќе имаат можност да дадат предлози, сугестии. Подоцна ќе се оддржи и „Инфо средба со млади лица“ на која ќе учествуваат младите баратели на работа и ученици од завршните години  од кумановските средни училишта. 
МИА
 

 

Оцени ја веста

17.12.2014 - 13:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега