Ставрески: Задолжителната котизација ќе се покаже како вистинска мерка

Задолжителната котација ќе овозможи котираните компании да стекнат дополнителен капитал преку  Берзата, а Берзата да има поголем број на трансакции и поголем промет, истакна министерот за финансии, Зоран Ставрески.

- Факт е дека Македонската берза, како и сите берзи во регионот во изминатите неколку години, минува низ тежок период што се должи на ризиците во европската економија и намалениот апетит на инвеститорите. Во такви околности понекогаш е потребно да се преземат и нестандардни и неконвенционални мерки како што е мерката задолжителна котација на фирмите на Берзата, рече Ставрески на презентацијата на проектот за задолжителна котизација на Македонската берза. 

Според Ставрески, мерката, за која имаше доста дебата дали треба да се донесе или не, со тек на време ќе се покаже како вистинска.

- Од денеска на официјалниот пазар на Берзата во сегменот за задолжителна котизација ќе котираат 30 нови компании, а до крајот на месецот уште дополнителни 60 со што вкупниот број на друштва на официјалниот пазар ќе изнесува 120, рече Ставрески.

Прецизира дека моменталната пазарна капитализација на Македонската берза изнесува околу 26,6 милијарди денари или 5,5 отсто од вредноста на македонскиот БДП што е доста пониско во споредба со развиените земји.

- Со новокотираните 30 компании чија пазарна капитализација во моментот изнесува 52 милијарди денари и постојните 32 акционерски друштва, вкупната пазарна капитализација ќе изнесува 78,8 милијарди денари или 16,4 отсто од вредноста на БДП што е сосема задоволително и е над просекот во земјите во регионот, истакна Ставрески.

Тој посочи дека работењето на Берзата со поголем број компании и задолжителната котација ќе биде позитивно во однос на понудата на пазарот и најави дека наскоро дел од друштвата во државна сопственост и јавните претпријатија ќе се подготват за издавање на хартии од вредност. Со тоа, како што рече, државата дополнително ќе се придонесе за надминување на актуелните тешките состојби и за развој на пазарот на хартии од вредност во Македонија. 

- Компаниите ќе согледаат дека со задолжителната котизација само добиваат, а не губат бидејќи транспарентноста и објавувањето на повеќе податоци за фирмите дава само дополнителна можност за инвеститорите. Истовремено компаниите нема да мораат да се потпираат само на кредити од домашните банки со што ќе овозможи мала конкуренција и  банкарските продукти да станат поатрактивни и да бидат понаклонети кон компаниите, рече Ставрески.

Нагласи дека инвеститорите повеќе сакаат да вложуваат во компанија што ја познаваат, односно да ја истражат, да ја анализираат и потоа да донесе одлука за инвестирање. Затоа рече дека е значајно што сите одлуки на котираните компании ќе бидат јавно достапни за сите.