ВИДЕО: Македонија загуби со 2:0 од Норвешка - погледнете ги головите

Македонската фудбалска репрезентација  иако одигра многу подобро отколку на дуелот со Шведска доживеа поубедлив пораз од Норвешка со 2-0 вечерва на Улевал стадионот во Осло. 

Избраниците на селекторот Јаневски добро го започнаа натпреварот и уште на стартот се заканија преку Шумуликоски и Тричковски кои не искористија убави шанси за отворање на резултатот. Веќе во 9м домаќинот по едно нафрлување од левата страна го отвори резултатот за водство од 1-0. Стрелец Скјелбред. 
Во продолжението од мечот Македонија имаше убава шанса преку Хасани кој од неколку метри  биеше под фаул но голманот на Норвешка одбрани. 
Во вториот дел Јаневски направи неколку замени и Македонија заигра поконкретно и во таква ситуација ја видовме најголемата шанса за израмнување но Хасани кој излезе сам пред противничкиот гол стрелаше само во дирекот. 
Работите се усложнија со црвениот картон што непотребно и незаслужено го заработи Грнчаров па Македонија мораше да трпи притисок и да го брани својот гол. Сепак норвежаните беа упорни и преку Братен зголемија на 2-0. До крајот на средбата Јаховиќ беше во позиција да постигне почесен погодок за Македонија исто како и искусниот Шумуликоски , додека на спротивната страна Тофиловски во неколку наврати успешно го спасуваше нашиот гол. 
Ова е четврти пораз во серија на нашата фудбалска репрезентација инаку втор во меѓусебните дуели со Норвешка. 
Следниот контролен дуел на Македонија е против Бугарија во август на Филип Втори во Скопје. 
 
МАКЕДОНИЈА:Пачовски, Тодоровски, Глишиќ, Мојсов, Грнчаров, Шумуликоски, Глигоров, Хасани, Фазли, М.Ивановски, Тричковски. Во вториот дел играа уште и О.Стјепановиќ, Б.Љамчевбски, Јаховиќ, Тофиловски, Д.Ивановски и Савиќ.Селектор Чеде Јаневски.  Не настапија Наумовски и Фетаи.