Трагедија: Почина двeгодишно дете од Куманово - лекарите не можеле да сторат ништо

Двегодишно дете од Куманово во сабота вечер починало на Клиниката за детски болести. Според информации на zdravstvo24.mk, со возило на Брза помош било донесено во терминална фаза. Според дежурниот медицински персонал, детето било апсолутно инкомпатибилно. Резултатите од крвната слика биле катастрофални – хемоглобин 22 и еритроцити 0,9 што според лекарите е невозможно да биде спасено. Половина час траела реанимацијата, но немало шански за спасување на детскиот живот. Сите кои биле на работа таа вечер се шокирани и згрозени од она што го виделе. Велат не паметат ваков случај досега. Детето било тешко едвај 13 килограми, изгледало неухрането..Било полно со вошки не само по главата, туку спроед сведоштвата на персоналот вошките го лазеле и по телото. Не било бањато, било запоставено а  за да има таква крвна слика,  прашање според здравствените работници е дали воопшто добивало храна и дали некогаш видело месо.  Бидејќи вошките лесно се пренесуваат, надлежните на Детска, направиле целосна дезинфекција на Ургентниот центар.

Според податоците на zdravstvo24.mk,  мајката на детето била со пречки во развојот. На дежурните во Ургентниот центар  им кажала дека детето еден месец не можело да стане од кревет, не можело да оди. Пред да биде донесено во Скопје, било пронајдено во дворот со главата во земја. Носот му бил полн со песок  и лекарите  не можеле да го интубираат.

Откако безуспешно завршиле сите напори на вработените во Детска за негова реанимација, следувал нов шок. Двегодишното кумановчанче воопшто не било регистрирано како жител на државата. Немало извод ниту било каква документација за негова идентификација. Мајката имала уште три деца, а била бремена со петтото дете. Полицијата го проверила случајот и констатирале дека станува збор за социјално семејство, но не покренале никаква пријава бидејќи не станува збор за насилна смрт. Причина за поведување на постапка не нашол и кумановскиот обвинител, а нема никаква потврда што правеле кумановските социјални служби имајќи во предвид дека детето немало никави документи.

Обдукцијата треба да покаже од што починало двегодишното дете.  Остануваат неодговорени многу прашања, а персоналот од Детска уште долго ќе се сеќава на овој случај.

 

 

Оцени ја веста

23.12.2014 - 20:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега