„Го зедов детенцето во раце, беше потресно" - сведоштво за сообраќајката кај Волково

Го зедов детенцето во раце и го донесов на тревникот, а сопругата донесе ќебе и го покрив. Му велев „ајде детенце, ајде не грижи се, ќе бидеш добар, брзо ќе оздравиш“, но ништо не ми зборуваше. Многу тешко дишеше, а очињата му беа полуотворени и му беа како стакло, ни лево ни десно не погледнуваше. Вака за „Дневник“ сведочеше пензионираниот полицаец Жарко, кој прв им помогнал на таткото и синот што завчера вечерта беа прегазени од несовесен возач додека се движеле по тротоарот од улицата 1 во скопско Ново Село. 

- Ме гледаше право в очи. Не даваше знаци дека разбира што му зборувам. Беше исплашено, како некоја сенка. Жално, многу жално. Мене ми беше страв да го фатам оти не знаев каде е повреден, па со соседите полека, полека го кренавме, но, за среќа, и брзата помош стаса многу брзо - вели поранешниот полицаец.

Жарко, но и другите соседи што го чуле страшниот звук кога автомобилот удрил во 36-годишниот Ристе Ц. и неговиот 8-годишен син и ги отфрлил во каналот, веднаш истрчале да помогнат пред да пристигне брзата помош. 

Жарко продолжува за ДНЕВНИК раскажува за околностите во кои се случила сообраќајната несреќа.

- Младиот возач почнал да се движи со огромна брзина. Возејќи кон кривината, која е блага, а која возачите сакаат да ја одбегнат, па ја „сечат“, изгубил контрола над воланот и со автомобилот се качил на тротоарот. Тогаш удрил во таткото и неговиот син, ги качил на хауба и така се движел уште 20-30 метри, па со страничниот дел од предницата удрил во ѕидот од дуќанот. Потоа удрил во рекламата пред каналот по што од ударот ги исфрлил таткото и детенцето, а колата паднала во каналот и останала да виси со задниот дел нагоре - вели Жарко. 

По ударот возачот излегол од автомобилот и немал видливи повреди и бил во свесна состојба. 

- Возачот го најдов овде на скалите. Му велам „момче што направи, добар ли си, има ли некој друг во возилото?“ Ми рече дека бил сам. Тогаш јас ја отворив вратата и видов дека нема друг внатре, но тогаш чув звуци на офкање. Тоа беше Ристе, кој беше заглавен под тркалата. Со соседот ги исековме гранките, па ја поткренавме колата за да може да ги одглавиме нозете, кои му беа заглавени под тркалата. Викаше силно, офкаше од болки, но не беше свесен што се случило - ни раскажува тој.

Вели дека амбулантното возило пристигнало бргу, а потоа стигнало уште едно возило. 

- Kога возачот ја виде брзата помош, почна да се држи за глава. Тогаш ~ реков на сопругата да донесе шеќер и вода да се напие, но тој рече: „Не сакам ништо, земи утепај ме, убиј ме“. Kога виде брза помош се фати за глава, а претходно стоеше како да не му е ништо. На него немаше крв, ништо немаше. А чудо е што и по телото на малото дете немаше крв, поради што се плашам Ристе и неговиот син да не имаат внатрешни повреди - вели Жарко. 

 

 

Оцени ја веста

24.12.2014 - 10:39
Фото: 
ДНЕВНИК

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега