Зума: Мендела е во добри раце - се молиме за неговото здравје

Јужноафриканскиот претседател Џејкоб Зума изјави дека здравствената состојба на Нелсон Мандела и понатаму е мошне сериозна, но е стабилна.

- Сите се молиме за здравјето на Мандела. Тој е добар борец и верувам дека набрзо, одново ќе биде со нас, рече Зума. 

Поранешниот претседател на Јужна Африка, 94-годишниот Мандела, најпознатиот африкански борец против политиката на апартхејдот, веќе пет дена се наоѓа во одделението за интензивна нега поради воспаление на белите дробови.

Претседателот Зума синоќа, во телевизиско интервју, зборуваше за моменталната состојба со здравјето на Мандела, откако претходно беше известен за заклучокот на лекарите.

Мандела е роден во 1918 година, а од 1943 година е член на владејачкиот Африкански национален конгрес. Во 1964 година тој беше уапсен и осуден на доживотен затвор, од каде беше ослободен во 1990 година. Четири години подоцна тој беше избран за првиот црномурест претседател на Јужна Африка. Од функцијата се повлече во 1999 година. Последен пат се појави во јавноста во 2010 година, на отворањето на Светскиот фудбалски куп.